Ципрас бара состанок со Јункер

Грчкиот премиер Алексис Ципрас побара состанок со претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер следната недела, пишува Танјуг, повикувајќи се на Франс прес.

-Премиерот го повика господинот Јункер следната недела да организира состанок, велат неименувани извори на грчката влада.

Германскиот весник „Зидојче Цајтунг“ претходно пишуваше дека Ципрас побарал денеска да се сретне со Јункер, но дека неговото барање е одбиено.

Официјална Атина во моментов постојано настојува да изнајде дополнителни средства за да го реши проблемот со отплатата на огромниот долг.

Европската централна банка (ЕЦБ) вчера им влеа извесна надеж на Грција кога го зголеми обемот на Итниот фонд за зачувување на ликвидноста за доплнителни 500 милиони евра, со што на грчките банки на располагање им беа ставени вкупно 68, 8 милијарди евра.

Сепак ЕЦБ го задржа остриот став кон Атина, порачувајќи дека е подготвена да ја обнови финансиската линија за грчките банки, штом биде постигнат договорот помеѓу официјална Атина и европските партнери.

Се додека не се постигне договорот, Грција нема пристап до останатите средства од пакетот помош на ЕУ и ММФ во износ од 240 милијарди евра, а овој месец на официјална Атина ќе и’ бидат потребни околу 6 милијарди евра за отплата на долговите.