Ципрас е оптимист околу изнаоѓањето взаемно решение со ЕУ

Грчкиот премиер Алексис Ципрас изјави дека е оптимист околу постигнувањето „взаемно прифатливо решение и компромис за грчката иднина во ЕУ, јави германската агенција ДПА, пренесе МИА.

– Наша цел е да ја почитуваме волјата на народот во Грција и јасниот мандат кој го добивме од нив, но истовремено да се почитуваат и правилата на Европската унија, изјави грчкиот премиер во Брисел.

– Ние сакаме да ја корегираме таа рамка, а не да ја искршиме, истакна Ципрас за време на кусата прес-конференција со претседателот на Европарламентот Мартин Шулц.

– Секако, се уште не сме постигнале договор, но одиме во правилна насока за изнаоѓање на овој значаен договор, потенцираше тој.

Ципрас во Брисел се сретна и со претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.

Ниту грчкиот премиер, ниту двајцата функционери не дадоа изјави, а Ципрас, верен на својот обичај, се појави без вратоврска. Тој и со овие двајца европски функционери разговараше за најавата на Грција дека ќе ги прекине преговорите со „тројката“, составена од претставници на ЕК, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд и ќе се откаже од програмата за штедење.

Оптимизам изрази и грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис, кој по средбата во Франкфурт со претседателот на Европската централна банка Марио Драги изјави дека е „охрабрен за иднината“ по денешниот „конструктивен и плоден разговор“.

Тој на Драги му потенцирал дека за економската криза во Грција не може да се користат методите препорачани во условите на спасувачката програма за земјата.

– Програмата предизвика дефлациона криза во земјата, истакна Варуфакис.

ЕЦБ соопшти дека нема да дава изјави во врска со разговорите.

фото: stokokkino.gr