Ципрас го прекина фудбалското првенство на Грција

Грчката Влада донесе одлука да се прекине фудбалското првенство на Грција по синоќешниот инцидент на дербито меѓу „ПАОК“ и „АЕК“ кога сопственикот на ПАОК со пиштол го нападна судијата.

Премиерот  Алексис  Ципрас, заедно со заменик министерот на спорт, Јордос Василаидис ја донесоа одлуката, за која ги известиле челниците на УЕФА и ФИФА. Засега нема одлука, кога и како ќе продолжи фудбалското првенство.

Ваквиот непопуларен потег доаѓа по синоќешниот скандал на дербито во Солун кое не се доигра. Домаќините дадоа гол во 90 минута, но  судијата реши да го поништи поради офсајд. Тогаш на теренот влетал газдата на ПАОК, Иван Савидис со пиштол на појасот, а судијата го прекинал мечот. Арбитарот подоцна во извештајот напишал дека погрешил за погодокот и го признал, но додал дека Савидис носел оружје и дека му се заканувал.

ПАОК и АЕК се во битка за титулата, а засега нема на повидок решение на оваа ситуација во грчкиот фудбал.

Иван Игњатевич Савидис е еден од најбогатите Руси, но има грчко потекло.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.