Ципрас го претстави договорот на грчката јавност

По повеќемесечни и напорни преговори, успеавме да стигнеме до договор со премиерот на ПЈРМ, за решавање на долгогодишниот спор во однос на името на соседот, го започна грчкиот премиер Алексис Ципрас неговото обраќање до јавноста, откако телефонски се договорија со неговиот македонски колега Зоран Заев, а потоа ги информираше претседателот на државата и лидерите на политичките партии.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Ципрас во речиси 10 минутното обраќање се осврна на она што е договорено меѓу двете страни. На Грците им објасни дека новото име ќе биде Република Северна Македонија, „а промената на името ќе се имплементира како во меѓународните, така и во билатералните односи, но и во внатрешноста“ и додаде дека се прави јасна разлика меѓу „грчката Македонија и северниот сосед и се става конечен крај на иредентизмот во уставното име“.

– Договорот ги признава соодветните резолуции на ОН од 1977 за регистрирање на јазикот на нашите соседи како македонски јазик, со додавка, но и јасна формулација дека овој јазик припаѓа на групата јужнословенски јазици, факт што како што јасно се признава, целосно го разграничува од грчко-македонското јазично наследство и античката грчка цивилизација. Договорот исто така предвидува дека државјанството што ќе биде наведено во патните документи на нашите соседи нема да биде само Македонец како и досега, туку: Македонец / граѓанин на Северна Македонија. Грција ќе го признае државјанството на соседните граѓани како „граѓани на Северна Македонија”, објасни грчкиот премиер.

Алексис Ципрас рече дека во Уставот ќе се направат промени што се однесуваат на се она што би можело да се толкува како иредентистичко.

– Се елиминираат наводи за македонското малцинство, како и потребата за нивна заштита. Се заменува членот за заштита на границите со елиминација на денешните проблематични наводи, рече грчкиот премиер во обраќањето, пренесе МИА.

Ципрас објасни дека со неговиот македонски колега се договориле и за временскиот рок, потпишувањето, имплементацијата и стапувањето во сила на договорот. Штом ќе биде потпишан, ќе треба да се ратификува во македонското Собрание, потоа Грција ќе ја поддржи одлуката за почеток на пристапни преговори со ЕУ и испраќање порака за интеграција во НАТО, а сето ова ќе биде условено со уставна промена, односно се додека не се заведе ерга омнес името. На крај ќе биде и ратификацијата во грчкиот Парламент, откако Македонија ќе ги исполни сите обврски.

Грчкиот премиер рече дека договорот отвора прозорец кон иднината, прозорец на солидарност, пријателство, соработка, просперитет и развој меѓу двата народа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.