Ципрас: Ја добивме битката, но не и војната

Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска изјави дека договорот склучен со министрите за финансии на еврозоната за продолжување на пакетот со помош за Грција за уште четири месеци го поништува ветувањето на претходната конзервативна влада кон меѓународните кредитори за примена на мерките за штедење, пишува МИА.

– Ја добивме битката, но не и војната. Проблемите, вистинските проблеми, и натаму се пред нас, истакна грчкиот премиер.

„Вчера преземавме одлучен чекор, зад нас го оставивме штедењето, пакетот помош и тројката кредитори“, изјави Ципрас во обраќањето до јавноста, што го преносуваше грчката телевизија.

Светските медиуми синоќа известија дека министрите за финансии на еврозоната постигнаа договор пакетот помош за Грција да се продолжи за уште четири месеци, а Грција за возврат се обврза дека ќе продолжи со реформи и со програмата за штедење.

– Грција се обврза дека ќе спроведе широк процес на реструктуирање и на време ќе ги измирува сите обврски кон кредиторите, рече синоќа претседателот на еврозоната Јерун Дајселблум.

Грците во понеделник во Брисел ќе го достават планот за реформи, што, доколку биде позитивно оценет, ќе овозможи до крајот на април да се изврши ревизија на важечката програма и да се направат корекции.

Во пракса, единствената отстапка што Грција ја доби е што досегашниот термин „тројка“, што ги вклучува претставниците на Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд, сега се заменува со терминот „институции“.