Ципрас ќе ги убедува сопратијците за оправданоста на реформите

По враќањето од официјалната посета на Германија, една од главните задачи на грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе биде да обезбеди поддршка од неговата партија за листата на реформи што ја составува Владата и се подготвува да им ја испрати на кредиторите, најверојатно до крајот на оваа недела, јавува МИА.

Весникот „Катимерини“ цитира извори, според кои, Ципрас лично ќе ги убедува членовите и пратениците на Сириза да го поддржат планот за реформи, со кој ќе се обезбедат финансии со кои Грција „треба да преживее до крајот на јуни“, кога Владата ќе мора да склучи нов договор со кредиторите.

Првата станица на премиерот е Политичкиот секретаријат на партијата, кој во наредните неколку дена се очекува да одржи состанок. Потоа ќе следува собир на парламентарната група на Сириза, каде Ципрас ќе се обиде да ги убеди 149-те пратеници на партијата да ги поддржат реформите, кога ќе дојдат до Парламентот.

Содржината на пакетот реформи се уште не е позната, но Владата е загрижена дека тој ќе содржи голем број на ставки кои нема да наидат на одобрување во Сириза. Меѓу нив е и задржување на спорниот ЕНФИА данок на имот за уште една година, иако е прилагоден така што тие со помали примања ќе плаќаат помалку, како и трудовите и пензиските реформи. Коалицијата веќе се обиде да ги отстрани евентуалните тензии за приватизацијата, со тврдење дека ќе се бараат само стратешки партнерства кои ќе и овозможат на државата да го задржи контролното мнозинство.

Во моментов најмногу несогласувања има околу тоа што планира Владата да прави со данокот на додадена вредност. Кредиторите сакаат да биде укинато посебното намалување на ДДВ од 30 отсто за островите. Заменик-министерот за финансии, Надја Валавани изјави дека една опција би било да се усвојат редовни стапки на ДДВ за најпопуларните острови, како што Санторини и Миконос.

Сепак, тоа е во спротивност со она што владини извори го тврдеа досега. Се претпоставува дека коалицијата ја испитува можноста за усвојување на заедничка за сите стапка ДДВ од 15 отсто, што значи дека некои производи ќе поевтинат а други ќе поскапат, но со можни исклучоци за некои основни продукти како што се лековите.