Ципрас: Министрите повеќе да работат, а помалку да даваат изјави

Грчкиот премиер Алексис Ципрас побарал од своите министри „повеќе да работат, а помалку да зборуваат во јавност“.

Во интервју за германскиот весник „Шпигл“ Ципрас негира дека му забранил на министерот за финансии, Јанис Варуфакис да престане да дава интервјуа и да ги провоцира европските партнери, туку дека од сите свои министри побарал да го намалат бројот на изјавите, пренесува МИА.

Ципрас, кој ги одбегнува голем дел од директните прашања на германскиот весник, во интервјуто вели дека не давал различни изјави во Брисел и во Атина и дека улогата на „тројката“ не е промената само козметички во „институции“ туку дека има промена во начинот на кој Грција соработува со нив.

Следната транша, која што ќе треба да биде дадена во јуни за да се избегне банкрот, Ципрас не ја нарекува помош туку финансиски потреби, но тие според него не се израз на филантропија кон Грција туку заедничка одговорност и солидарност.

На прашањето дали Грција со тоа сака да добие повеќе заеми а притоа кредиторите да не ја контролираат земјата како да ги троши парите, тој не дава директен одговор и вели дека во општество со хуманитарна криза платите веќе не мора да се намалуваат и најавува структурни реформи, модернизација на судството, ефикасни даночни служби, помала бирократија при отворање на фирми, катастарски регистер, работи кои што биле ветувани од сите грчки влади од 1930 година.

Грчкиот премиер вели дека 35 отсто од Грците сега живеат под нивото на сиромаштија, а дека 600.000 деца се неухранети.

Лошата атмосфера меѓу Грција и Германија Ципрас ја објаснува со медиумите како „Билд“, кои што сите Грци ги претставуваат како алчни. Тој не откри кои се грчките медиуми кои што Германците ги опишуваат како препотентни луѓе со анимозитет кон Грција.

На прашањето зошто не иницира посета на Берлин, Ципрас вели дека е подготвен да се сретне со секој што сака да се види со него а кога сакал да зборува со германската канцеларка Ангела Меркел тој ја повикал на телефон. Грчкиот премиер го завршува интервјуто со пораката дека „не оди на места каде што не е поканет“.