Ципрас и Могерини нема да учествуваат на летната сесија во Советот на Европа

Ципрас и Могерини нема да учествуваат на летната сесија во Советот на Европа

Од 22 до 26 јуни 2015 година во Стразбур, Франција ќе се одржи летната сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, a на сесијата ќе учествува и делегација на Собраниетот на  Република Македонија во состав  Александар Николоски, во својство на шеф и Ермира Мехмети и Владимир Ѓорчев во својство на членови на Делегацијата, објави МИА.

Премиерот на Република Грција, Алексис Ципрас, кој исто како и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија федерика Могерини беа најавени како говорници на летната сесија, го откажаа учеството на истата. Недоаѓањето на Ципрас, новинарските кругови во Стразбур го протолковаа како знак, дека најверојатно Грција и Европската Унија ќе најдат денеска компромис за грчкиот долг.

На парламентарците од 47 земји членки на Советот на Европа ќе им се обратат, генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-Мун, претседателот на Малта, Мари Луиз Колеиро Прека, како и претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ.

На сесијата ПССЕ ќе го разгледува поништувањето на претходно ратификуваните акредитации на Делегацијата на Руската Федерација, функционирањето на демократските институции во Азербејџан, ситуацијата во Унгарија, а  актуелна тема ќе биде потребата од заеднички европски одговор на предизвиците на миграцијата.

Исто така, ќе се дебатира за исчезнатите лица за време на конфликтот во Украина, подобрувањето на заштитата на луѓето кои соопштуваат за потенцијални кривични дела по допрен глас, спречувањето на неорасизмот, како и евалуацијата на Партнерството за демократија во однос на Собранието на Мароко.

Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Игор Црнадак ќе им се обрати на пратениците во улога на претседавач со Комитетот на министрите, а генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд ќе одговора на прашања од пратениците, според новата пракса која беше воведена на априлската сесија на ПССЕ.

Според распоредот, во среда попладне со Парламентарното собрание на Советот на Европа, во функција на потпретседател, ќе претседава шефот на македонската делегација, Александар Николоски.

Во текот на сесијата, на еден од состаноците на Мониторинг комисијата ќе бидат избрани и двајца нови известители за Република Македонија, кои ќе го продолжат дијалогот за следење на исполнувањето на обврските кои нашата држава ги преземалапри зачленувањето во Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Во текот на јунската сесија, Парламентарното собрание ќе ја одбележи 60-годишнината на наградата Европа. Креирана од страна на Парламентарното собрание во 1955 година, наградата Европа е највисокото признание што може да биде доделено на еден европски град за неговите активности во промовирањето на европските вредности, како збратимување, организирање европски настани, размена на посети, итн. Се состои од статуетка, медал, диплома и стипендии за студиски посети на младите луѓе од општината која ја освоила наградата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.