Ципрас најави унапредување на грчко-руските односи со акцент на енергетиката

Грчко-руските односи имаат големи изгледи за развој, особено во полето на енергетиката и туризмот, истакна грчкиот премиер Алексис Ципрас во пресрет на посетата на Москва за една седмица. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, во интервју за руската агенција Тас, Ципрас порача дека потребен е рестарт и унапредување на грчко-руските односи, како и соработка која што ќе и дозволи на Грција да ги извезува своите земјоделски производи во Руската Федерација.

„Знаете дека во текот на претходните години им беше нанесен удар на овие односи од страна на претходните влади во мојата земја кои што не го сторија она што можеа за да ја избегнат оваа политика на бесмислени санкции, која што според мое мислење е поради тензиите во Украина. Резултатот на ова е ембарго и за грчките земјоделски производи што сериозно и наштетува на грчката економија”, вели Ципрас.

Во однос на соработката во енергетиката и проектот Турски тек, рускиот амбасадор во Атина Андреј Маслов истакна дека Грција покажала интерес за учество во проектот и дека цели кон тоа да стане голем играч на пазарот за гас во Јужна Европа.

„Конструкцијата на рускиот гасовод на Балканот која што ќе биде поврзана со јазол од Турскиот тек во источна Тракија веќе започна во Македонија. Преминот од Грција би донел огромни економски и политички придобивки за земјата”, истакна Маслов.

За економските и политички придовки од Турски тек неодамна пишуваше и грчкото издание на весникот “Русија сега”, нагласувајќи дека гасоводот што почна да се гради во Македонија, може да биде златен рудник и за Грција. Економските придобивки од гасоводот ќе бидат остварувањето на приходи, отворањето нови работни места и привлекувањето инвестиции. Политичките пак се однесуваат на обновување на дипломатските разговори за отворените прашања меѓу Македонија, Грција и Турција со Москва како медијатор, со цел стабилност и долгорочна одржливост на гасоводниот проект.

„Ако сите три земји соработуваат во случајот со транзитот на гасот, тогаш Москва би можела да стане гарант меѓу страните за стабилноста на Балканот и југоисточниот Медитеран, бидејќи било која форма на тензија меѓу трите страни може да биде катастрофална за долгорочната одржливост на проектот. Така, во оваа реалистична рамка, Русија може да ја преземе водечката улога за рестарт на дипломатските разговори за овие прашања и да одигра улога на објективен медијатор, кој што има интерес за постојана стабилност меѓу сите страни”, се вели во анализата на весникот.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.