Ципрас одбил да се сретне со Мимаракис

Премиерот во оставка Алексис Ципрас одбил да се сретне со лидерот на Нова Демократија Вангелис Мимаракис.

Не постои простор за програмско усогласување меѓу главната опозициска Нова демократија и владејачкиот коалиционен партнер на Сириза околу формирањето влада во актуелниот парламент, изјави денеска извор од грчката Влада, наведувајќи дека премиерот во оставка Алексис Ципрас одбил да се сретне со лидерот на НД Вангелис Меимаракис, пренесува МИА, повикувајќи се на АНА.

Алексис Ципрас на 20-ти август поднесе оставка и побара изборите да се одржат што побрзо, по што грчкиот претседател Прокопис Павлопулос на Мимаракис му го додели мандатот за формирање нова влада.

Мимаракис побарал средба со Ципрас

Мимаракис утрово го контактирал Ципрас и побарал средба
Мимаракис утрово го контактирал Ципрас и побарал средба

Претседателот на Нова Демократија, Мимаракис утрово го контактирал Ципрас и побарал средба околу доверениот мандат, на што Ципрас одговорил дека не постои шанса да се формира влада со сегашниот состав на парламентот, поради што и поднел оставка.

Според Уставот на Грција, ако една влада поднесе оставка во рок од една година од последните избори, претседателот на земјата треба да врачи прелиминарен мандат на лидери на опозицијата, кои ќе се обидат да формираат влада, почнувајќи од најголемата партија.

Мандатот трае три дена и ако напорите не успеат, мандатот и се доделува на втората по големина опозициска партија, а потоа на третата. Ако сите овие обиди да се формира нова влада пропаднат, тогаш претседателот закажува избори.

При евентуален неуспех да се формира влада во Грција, изборите најверојатно би се одржале на 27-ми септември или на 4-ти октомври.