Ципрас: Во понеделник ќе заврши националното понижување и нарачките од странство

Близу 10 милиони Грци утре ќе гласаат на парламентарните избори во Грција, јавува дописникот на Нетпрес од Атина. Според последните анкети, најмногу гласови ќе добие радикално левата партија Сириза, која што има 5, 3 проценти предност пред Неа Димократиа. Лидерот на Сириза, Алексис Ципрас, најавува дека како примиер повторно ќе ги преговара условите од договорот за штедење, ветувајќи дека ќе го намали грчкиот долг за половина.

“Во понеденик ќе заврши националното понижување. Ќе завршиме со нарачките од странство”, порача Ципрас од завршниот митинг во Атина, нагласувајќи дека Сириза ја бара својата прва шанса која што може да биде и последна шанса за Грција.

Ваквите пораки на Ципрас предизвикуваат сериозна вознемиреност кај меѓународните кредитори, а најдиректна конфронтација за ова прашање има со Германија, која што предупреди дека очекува Грција и по изборите да ги исполнува веќе договорените услови од договорот за штедење.
Првиот спасувачки пакет од 240 милијарди евра Грција го прифати во 2010 година, а за возврат се обврза на намалување на платите и пензиите, зголемување на даноците и подигање на старосната граница за пензија.

Пет години подоцна, невработеноста, која што на почетокот на кризата изнесуваше 12 проценти, сега изнесува 26 проценти. Платите пак на годишно ниво паѓаат во просек по 12 проценти. Старосната граница за пензија која што во 2010 та беше на 61 година, сега е подигната на 65 години.

И додека Грците, а со нив и Европа, ги одбројуваат часовите до отварањето на гласачките места, во однос на Македонија не се очекуваат суштински промени.

Позицијата на Ципрас како евентуален премиер во однос на проблемот што Атина го има со нашето уставно име нема да се разликува од онаа на неговите предходници. И Сириза се залага за сложено име со географска одредница за вкупна употреба. Ципрас е на иста линија и во однос на негирањето на основните човекови права на македонското малцинство во Грција.