Ципрас за инцидентот на границата: Бегалците и мигрантите што насила сакаа да влезат не биле закана?!

Грчките власти и медиуми последното деноноќие оркестрирано ги демонизираат македонските безбедносни сили, јавува дописникот на Нетпрес од Атина. Наспроти информациите на македонските институции дека грчката полиција не интервенирала за да ги спречи инцидентите на границата, во Грција пак, прстот се вперува во македонските полицајци и војници поради спречувањето на мигрантите насила да минат на наша територија.
 
И додека грчките медиуми јавуваат за наводна „невидена бруталност” и “голем број повредени мигранти и бегалци”, грчкиот премиер Алексис Ципрас на прес-конференцијата по средбата со португалскиот колега Антонио Коста реакцијата на македонските безбедносни сили ја оцени како срамна, бидејќи според него мигрантите и бегалците кои што насила се обидоа да ја минат границата, не претставувале закана.
„Полицијата употреби солзавец и гумени куршуми против луѓе кои не претставуваат закана и не се вооружени. Ова е голем срам за европското општество и за земја која сака да стане дел од него”, изјави Ципрас.
Со провокација одново се јави и грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, кој што на средбата со португалскиот премиер истакна дека поради заштитата на границата, за нас немало место во НАТО и ЕУ.
„На соседните земји како пј РМ кои што имаат аспирации да се приклучат кон Европската Унија и НАТО, а кои што се однесуваат кон бегалците како што се однесуваа вчера овде во Грција, со незамисливи постапки неприфатливи за човештвото, секако дека не им е местото ниту во ЕУ ниту во НАТО”, му порача Павлопулос на португалскиот премиер.
Грчките опозициски партии пак, како Нова Демократија, ПАСОК и Златна Зора ја критикуваат владата на Ципрас. Го повикуваат да си даде оставка поради обвинувањата за неактивност на владата во однос на случувањата во Сехово.
„Грчката територија во Идомени е окупирана од илегални мигранти и од хорди од наоружани скопјани, а криминалната коалиција на Каменос и Ципрас која што безусловно го предаде нашиот национален суверенитет, продолжува да дели бесплатни прегратки за Азија и Африка”, се вели во реакцијата на Златна Зора.
Грчките власти од почетокот на кризата, бегалците и мигрантите ги истоваруваат исклучиво на границата со Македонија, а бројот на лица што моментално се наоѓаат во Сехово и натаму надминува 11 000.