Ципрас закажува итни состаноци за зголемениот прилив на бегалци

Грчкиот премиер Алексис Ципрас го прекинал годишниот одмор со цел во следните неколку дена да одржи серија состаноци за да се оцени ситуацијата со зголемениот прилив бегалци на грчките острови.

Според некои грчки весници, како што јави дописникот на МИА од Атина, министерот за миграциска политика Јанис Музалас и шефот на Координативното тело за справување со бегалската криза Јоргос Кирицис имаат задача да развијат план за итни случаи кој Грција ќе го претстави на своите европски партнери, пред бегалската криза уште повеќе да се интензивира.

Владини извори истакнале дека и покрај неодамнешното зголемување на нови пристигнувања, ситуацијата во моментов е под контрола.

Сепак, Владата од претпазливост ќе побара „механизам за предупредување“ кој може да се активира во Европа доколку ситуацијата ескалира.

Грчкиот премиер наскоро може да започне разговори и со другите европски лидери, при што ќе повика на преиспитување на европските планови за бегалската криза. Премиерот, исто така, ќе им укаже дека ниту една членка на ЕУ не може сама да се справи со кризата, особено по последните случувања во Турција и нејзиниот конфликт со Европа околу безвизното патување што може да го загрози договор меѓу ЕУ и Турција за миграцијата.