ЦК на ВМРО-ДПМНЕ: Нема да дозволиме спроведување на туѓи сценарија

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денес одржа редовна седница, при што покрај другите прашања, била разгледана и актуелната политичка состојба во Република Македонија.

Ова се заклучоците кои биле донесени на Централниот комитет:

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ дава целосна и безрезервна поддршка на Претседателот Никола Груевски, Извршниот Комитет на партијата и Владата на Република Македонија во справување со предизвиците наметнати од неодговорното однесување на СДСМ.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го осудува недозволивото, срамно и деструктивно однесување на раководството на СДСМ и нивната стратегија за предизвикување на дестабилизација на Република Македонија.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, согласно својот статут и континуитетот на кој се повикува, а поврзан со суштината на делувањето на историското ВМРО, потенцира дека нашата партија има историска одговорност да се бори против вакви деструктивни потези кои имаат цел спротивна на националните и државни интереси на Република Македонија.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ без никаква дилема упатува јасна порака до сите дека нема да дозволи спроведување на туѓи сценарија, дестабилизација на државата и насилно превземање на власта спротивно од волјата на мнозинството граѓани. Сите оние што наумиле да ја воведат државата во такви сценарија добро е со време да се откажат.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ им дава јасна насока и апел на сите членови и симпатизери, на секој еден поддржувач на нашата партија да не наседнуваат на провокации, да застанат гордо, силно и во збиени редови во одбрана на достоинството и честа на државата и нејзините национални интереси.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ наложува на своите избрани функционери, да продолжат да работат исклучиво во интерес на граѓаните, да креираат нови проекти, да градат, да создаваат услови за нови работни места. ВМРО-ДПМНЕ е и ќе продолжи да биде партија која создава подобри услови за живот. Сценарија за конфликти, дестабилизации, пучови, лаги и манипулации се одлика на опозицијата.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓани на Република Македонија да се приклучат на оваа борба за зачувување на достоинството, стабилноста, демократијата и економскиот развој на нашата држава.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ апелира и ги повикува сите надлежни државни институции максимално професионално, одговорно и ефикасно да ги испитуваат и разрешуваат сите сомнежи и прашања поврзани со актуелната состојба во државата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.