Членовите на ДИК од редовите на СДСМ не ја почитуваат институцијата Претседател

Претседателот Ѓорѓе Иванов денеска го доби уверението за нов мандат на претседателската функција. Уверението со кое претседателот Иванов се стекна со право на втор мандат беше врачено без ниту еден приговор и без ниту една забелешка.

Иако претходно беше предвидено уверението на Иванов да му го врачи претседателот на ДИК, Никола Рилковски сепак тоа не се случи и наместо него уверението за втор мандат му го додели членот на комисијата, Бедредин Ибраими.

Мандатот на новоизбраниот претседател покрај Ибраими, му го честитаа и членовите на ДИК Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска, додека на денешното свечено врачување на уверението не се појави ниту претседателот на ДИК ниту пак членот на комисијата од редовите на СДСМ.

Со ова, претседателот на ДИК Рилкоски, чиј потпис стои на издаденото Уверение, покажа непочитување кон институцијата Претседател и индиректно демонстрира непочитување на целокупниот изборен процес.

Доколку опозицијата не го признава изборниот процес останува нејасно зошто СДСМ не поднесе ниту еден приговор и зошто Рилкоски се потпиша на уверението за избран претседател. Останува без одговор и прашањето, кога веќе Рилкоски го потпишал уверението зошто немал доблест и да го врачи?

Наспроти ваквиот некоректен чин, потсетуваме дека СДСМ не ги искористи своите можности ниту во првиот ниту во вториот круг од претседателските избори и не поднесе ниту еден приговор до ДИК околу спроведувањето на изборниот процес.

Ова де – факто значи дека СДСМ признава дека изборниот процес бил спроведен на регуларен начин без какви било неправилности.

Извор: Курир