Црква во руски стил за македонските православни верници

Темелите на првата црква во руски стил во Македонија денеска беа осветени и поставени во општина Аеродром.Чинот на осветување на црквата посветана на „Света Тројца“ го изврши Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, а ктитор е Сергеј Самсоненко.

На овој свечен чин присуствуваа и амбасадорот на Руската федерација Олег Шчербак, градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, како и градоначалникот на Општината Аеродром, Ивица Коневски. Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан истакна дека Македонија е пребогата со цркви, но денешниот чин на поставување на темели на руска црква е од исклучително значење која ќе придонесе за зближување на рускиот и македонскиот народ и ќе претстваува мост за нивно уште поголемо зближување.

„Оваа Црква ќе биде парче, дел од руската душа на македонската земја. Во ова наше време најмногу ни е потребна подадена пријателска рака, особено на црковен план и неоправдано ја очекуваме со голема надеж. Овој нов храм нека биде сведок и потврда на нашата меѓусебна љубов и почит, нека биде дом што ќе ја сведочи нашата заедничка вера и љубов“, нагласи ариепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Сергеј Самсоненко истакна дека изградбата на руски православен храм во Македонија е вистинска работа да ги спои нашите народи, бидејќи, како што забележа, има голема духовна блискост.

„Во иднина нема да има никаква омраза, како што немало и досега, мора да се зближиме да бидеме заедно во радост и во тага. Мора да ја почитуваме нашата историја и традиција, кои со векови нашите предци ги почитувале“, рече Самсоненко.

Црквата посветена на „Св. Троица“, треба да биде готова во 2015 година, а изведувач на работите е компанијата „Жикол“.

МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.