ЦРМ и НВО Инфоцентарот: Казната за Кежаровски е директна закана за новинарите

Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) и НВО Инфоцентарот сметаат дека одлуката на Апелациониот суд, новинарот Томислав Кежаровски да биде осуден на две години затворска казна, претставува директна закана за новинарите, и директно загрозување на слободата на изразување и слободата на медиумите во Република Македонија.

„Колегата Кежаровски е осуден заради совесно и професионално вршење на основната новинарска задача – известување на јавноста за прашања од јавен интерес – како што е во случајов, разоткривањето на злоупотребите на институтот заштитен сведок од страна на полициските и правосудните органи. Пресудата против него всушност претставува казна за сите новинари кои истражуваат и информираат за работата, но и за злопотребите на полицијата, правосудните органи и другите државни и јавни институции. Едновремено сметаме дека станува збор за скандалозна судска одлука која има политичка заднина, и која има за цел да ја заплаши и замолчи целокупната критичка јавност во државата. Се работи за цинична одлука според народната поговорка „и волкот сит и овците на број“, која на власта ѝ овозможува да тврди дека во Македонија нема новинари во затвор и дека барањето за пуштање на Кежаровски на слобода било испочитувано“, стои во соопштението.

ЦРМ и НВО Инфоцентарот бараат Врховниот суд во најкус можен рок да донесе одлука со која се ослободува Кежаровски.