Црн Биланс: Вкупно 36 загинати во нападите врз аеродромот во Истанбул

Во тројната експолозија на бомбаши самоубијци на истанбулскиот аеродром Ататурк загинаа вкупно 36 лица. За ова информираше турскиот премиер Бинали Јилдирим.

Меѓу жртвите може да има и странци, додаде тој. Бројот на ранети е 147, голем дел од нив се со сериозни повреди.

Според Јилдирим, тројцата терористи прво пукале врз луѓето, а потоа на влезот од аеродромот го активирале експлозивот  што го носеле на себе. Напаѓачите дошле на аеродромот со такси возило. Авионскиот сообраќај од тој аеродром повторно е во функција.

Засега сите индиции укажуваат дека одговорни за нападот се припадници на Исламска држава, изјави Јилдирим.

Светот го осуди нападот врз аеродромот во Истанбул

Нападот го осуди генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун кој рече дека е потребна засилена меѓународна соработка во борбата со тероризмот.

Нападот го осудија и САД кои ветија поддршка за Турција која е партнер и сојузник во НАТО.

На три аеродроми во Њујорк и Њу Џерси по нападите во Истанбул, полицијата почна да патролира со тактичко оружје.