„Црн понеделник“: Жените во Полска штрајкуваат против забраната за абортус

Поголем број жени во Полска започнаа штрајк на национално ниво изразувајќи незадоволство од предлог законот за целосна забрана на абортусот. Работнички ја бојкотираат работата, студентки не одат на предавања, а домаќинки ги одбиваат домашните работи, како протест поради планираните законски измени во земјата за криминализација на сите абортуси.

Планирано е жените цел ден да носат црно во одбивањето на предложените измени на законот за абортус, а преку воздржувањето од секакви активности целта е да ја запрат полската економија.

Полска и досега имаше еден од најрестриктивните закони за абортус во Европа. Прекинот на бременоста беше дозволена само во рана фаза кога е загрозен животот или здравјето на мајката, кога има веројатност бебето да има трајни последици по здравјето и во случај кога бременоста настапила како последица на силување или инцест.

2

Агенцијата Associated Press наведува дека затворени се некои фирми и ресторани, а денешниот ден е наречен „Црн понеделник“ и со тоа се изразува бес против предлогот со којшто полскиот закон за абортус би станал уште порестриктивен.

 

Денешните штрајкови се продолжени на саботните протести на кои излегоа илјадници луѓе кои протестираа пред парламентот на Полска.