Црна Гора доби покана за членство во НАТО

Црна Гора ќе стане 29-та членка на најголемата военополитичка организација на светот – НАТО, јави дописникот на МИА од Брисел.

Ова официјално е потврдено на денешниот состанок на министрите за надворешни рабтои на земјите-членки на Алијансата, со што започнуваат пристапните разговори на Црна Гора, што се очекува да траат околу шест месеци, а потоа и процесот на ратификација во парламентите на 28-те сегашни членки на НАТО, што трае околу една година.

Во однос на заклучоците за политиката на „отворени врати“ на НАТО, по оној за Црна Гора, најважен е заклучокот за Македонија, каде Алијансата посочува дека „го цени непоколебливиот придонес на земјата за нашите операции и нејзината долгогодишна посветеност на процесот на пристапување во НАТО и ја потврдува одлуката донесена на Самитот во Букурешт во 2008 година, а повторена на последователните самити, дека НАТО ќе испрати покана на ПЈР Македонија веднаш штом ќе се постигне заеднички прифатливо решение за прашањето за името во рамките на Обединетите нации”.

Инаку, во заклучоците од денешнито состанок, министрите посочија дека  ја потврдуваат посветеноста на политиката на отворени врати согласно членот 10 од Вашингтонскиот договор, како што неодамна решија на шефовите на државите или владите на земјите-членки на Самитот во Велс.

– Последователните рунди на проширување ја подобрија нашата безбедност. Евроатланската интеграција, исто така, ги поттикнува реформите и се грижи за стабилноста што е неопходно за просперитет. Вратата на НАТО е отворена за сите европски демократии кои ги делат вредностите на нашата Алијанса и кои сакаат и се во можност да ги преземат одговорностите и обврските за членство и кои се во позиција да ги унапредат принципите од Договорот на Алијансата, односно чие вклучување ќе придонесе за безбедноста на северноатлантската област. Одлуките за проширување се за самиот НАТО, се наведува во денешната Декларација.

Понатаму, се посочува дека министрите на земјите-членки на НАТО го исполниле барањето што им е поставено од страна на шефовите на држави или влади на Самитот во Велс и решиле „да ја поканиме Црна Гора да ги започне разговорите за пристапување во Алијансата”.

– И честитаме на Црна Гора на ова историско достигнување. Нашата одлука е одраз на реформите кои се спроведуваат од страна на Црна Гора, како и посветеноста што земјата ја покажа на нашите заеднички вредности и за меѓународната безбедност. Членството во НАТО на Црна Гора ќе ја зајакне безбедноста во регионот и на Алијансата како целина. Со нетрпение очекуваме да ги продолжиме разговорите за членство, да го потпишеме протоколот за пристапување, а потоа и да го склучиме процесот на ратификација и тоа без одлагање, се вели во сооштението на НАТО.

За време на периодот пред пристапување, НАТО посочува дека ќе ја вклучи Црна Гора во активностите на Алијансата, вклучувајќи го и Самитот во Варшава и тоа во „најголема можна мерка“. Причината е што од денеска, на Црногорците ќе им треба најмалку година и половина додека станат полноправна членка на НАТО.

Алијансата, исто така посочи дека очекува да се оствари натамошен напредок во реформите во Црна Гора, особено во областа на владеењето на правото, пред и по пристапувањето, а со цел да се зајакне придонесот на Црна Гора во Алијансата, а НАТО ќе продолжи да и обезбедува поддршка и помош на својата идна членка, вклучително и преку Акцискиот план за членство (МАП).

Во однос на Македонија, шефовите на дипломатиите на земјите-членки на НАТО денеска исто така усвоија заклучок дека поради загриженост во врска со неодамнешните политички случувања во земјата, ги повикуваат сите страни да го почитуваат и да продолжат со спроведување на договорот од јуни-јули, што беше олеснет од страна на ЕУ.

Алијансата очекува и одржување на слободни и фер избори следната година, што според нив „ќе биде важен репер за овој процес, кој НАТО ќе продолжи да го следи внимателно”.

– Ги охрабруваме интензивираните напори за политички компромис и реформи, особено за обезбедувањето на ефективен демократски дијалог, владеење на правото, слобода на медиумите и независност на судството. Исто така, продолжуваме да ги поттикнуваме натамошните напори за изградба на целосно функционално мултиетничко општество врз основа на целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор. Ги охрабруваме понатамошните заложби за развивање на добрососедските односи, се наведува во овој параграф на НАТО за Македонија, кој беше донесен на инсистирање на Албанија и Бугарија.

Во однос на Босна и Херцеговина, која исто така е земја-кандидат за членство во НАТО, Алијансата денеска порача дека ги поддржува аспирациите на Сараево и ги повика политичките лидери во земјата да работат конструктивно и за доброто на сите граѓани за преземање на политички, економски и одбранбените реформи, што се неопходни за земјата да ги реализира своите евро-атлантски аспирации.

– Во овој контекст, ние го поддржуваме лидерството на Босна и Херцеговина да продолжи со демонстрација на политичка волја, особено во спроведувањето на реформите поврзани со овие аспирации и ние го поздравуваме напредокот, вклучително и на регистрација на недвижниот одбранбен имот на државата. Како што беше договорено во Велс, очекуваме забрзување на напорите за исполнување на условите поставени од страна на министрите за надворешни работи на НАТО во Талин во април 2010 година, така што првиот Акциски план за членство на Босна и Херцеговина да може да се активира во најкраток можен рок, што останува наша цел, порачува Алијансата.

Во однос на кандидатскиот статус за членство на Грузија, НАТО го поздравува значителниот напредок остварен од 2008 година и ја охрабрува Грузија да продолжи со целосно искористување на сите можности за приближување кон Алијансата, што се понудени од страна на Регулаторната комисија за односите НАТО-Грузија, како и преку годишната национална програма.

НАТО се обврза дека ќе продолжи да обезбедува финансиски средства што се потребни за спроведување на пакет-мерките што имаат за цел да ги зајакнат капацитетите на Грузија и со тоа да го помогнат напредокот на земјата во подготовки за членство во Алијансата.

Министрите се обврзаа дека ќе истражуваат нови, практични начини за да се интензивираат напорите, вклучително и преку високото ниво на политички дијалог и зголемена соработка во одбраната и стратешките комуникации.

НАТО ја потврди својата поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Грузија во нејзините меѓународно признати граници и ја поздрави посветеноста на Тбилиси за неупотреба на сила и ја повика Русија да биде реципрочна во тој поглед.

– Ја повикуваме Русија да го поништи признавањето на грузиските региони Јужна Осетија и Абхазија како независни држави и да ги повлече своите сили од Грузија. НАТО не ги признава т.н. договори што се потпишани меѓу грузиските региони Абхазија и Русија во ноември 2014 година, и меѓу Јужна Осетија и Русија во март 2015 година. Ова го крши суверенитетот и територијалниот интегритет на Грузија и бесрамно противречи на принципите на меѓународното право, принципите на ОБСЕ и меѓународните обврски на Русија. Ние ги охрабруваме сите учесници во разговорите во Женева да играат конструктивна улога, како и да продолжат да работат тесно со ОБСЕ, ОН и ЕУ за мирно решавање на конфликтите во меѓународно признати територијата на Грузија, порачува НАТО во однос на Русија.

На крајот, шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Алијансата порачаа дека НАТО останува посветен на политиката на отворени врати, како основачки принцип на Вашингтонскиот договор.

Алијансата ги охрабрува партнерите да продолжи со спроведување на потребните реформи и одлуки за да се подготват за членство, а вети дека ќе продолжи да нуди политичка и практична поддршка на нивните напори.

– Ориентациите што ги дадовме денеска ја исполнуваат задачата што ја презедадовме на Самитот во Велс за Црна Гора и обезбедивме упатство за другите аспиранти за до Самитот во Варшава. Очекуваме тие да ги преземат неопходните чекори за да ги унапредат своите стремежи, а нашите одлуки ќе останат врз основа на овие фактори,се заклучува во одлуката на министрите.

Сето ова значи дека Црна Гора започнува со приклучување на НАТО пред Самитот во Варшава, на кој како и претходните во Чикаго и Велс ќе нема свечен момент со проширување, бидејќи се очекува некаде во првата половина на 2017 година земјата и официјално да стане 29-та членка на Алијансата.