Црна Гора ги започна преговорите со НАТО

Црна Гора денеска ги почна преговорите за пристапување кон НАТО.

„Со почетокот на преговорите, Црна Гора денеска направи значаен чекор кон членство во НАТО“, се наведува на официјалниот сајт на Алијансата.

Како што се наведува во соопштението од НАТО, преговорите ќе ги покријат политичките, воени и правни прашања и ќе бидат можност двете страни да ги разјаснат отворените прашања.

По разговорите, следниот чекор е членките на НАТО да потпишат Протокол за пристапување, по што Црна Гора, со покана, ќе почне да учествува на состаноците на Алијансата.

Црна Гора ќе може да пристапи кон Вашингтонската спогодба и на тој начин да стане 29.членка на НАТО откако сите членки ќе го ратификуваат Протоколот за пристапување.

Преговорите ќе ги води помошник генералниот секретар на Алијансата за политички прашања и безбедоносна политика, грчкиот амбасадор во НАТО, Трасивулос Тери Стаматопулос. Црногорската делегација, пак, ја предводи амбасадорката во НАТО, Драгана Радуловиќ.

Отворајќи ги преговорите Стаматопулос кажа дека е тоа знак на прогресот што Црна Гора го направила од својата независност и дека зачленувањето во Алијансата ќе ја зајакне нејзината безбедност и сувереност, пренесува РТЦГ.

Министерката за одбрана, Милица Пејановиќ-Ѓуришиќ, во интервју за РТЦГ изјави дека преговорите најверојатно ќе траат до април. Таа наведе дека преговорите не се разликуваат многу од досегашниот тек на интеграцијата.