Црна Гoра и Хрватска во спор околу полуостровот Превлака

Владата на Црна Гора ја обвини Хрватска дека го прекршила „Протоколот за привремен режим за управување со Превлака“, затоа што Загреб распишал тендер за истражување нафта и гас во јужниот дел на Јадранското Море, пишуваат весниците во Подгорица, објави МИА.

Превлака е мал полуостров на влезот од заливот Бока Которска, кој е спорна точка од црногорско-хрватската граница. Станува збор за територија која со децении е повод за серизони расправии меѓу двете соседни земји, затоа што и двете страни претендираат на оваа локација.

Подгоричките весници го пренесуваат соопштението на црногорската Влада во кое се вели дека Подгорица ниту еднаш го нема пркршено Протоколот од 2002 година со кој е определен привремен режим за Превлака.

Сегашниот спор е покренат откако хрватскиот весник „Слободна Далмација“ објави дека Црна Гора „има претензии на две илјади квадратни километри хрватско море“.

Според овој весник, тоа претставува „грубо кршење“ на Протоколот за границата утврден пред 13 години меѓу Хрватска и Владата на тогашна Сојузна Република Југославија. Весникот уште открива дека на истата локација на овој малечок полуостров и двете земји сакаат да трагаат по „црното злато“.

Црногорската Влада ги отфрла тврдењата на „Слободна Далмација“ означувајќи ги како сосема невистинити. Официјална Подгорица тврди дека прва реагирала на однесувањето на хрватската страна, откако Загреб распиша тендер за концесија за истражување нафта.

Превлака е спорно подрачје на кое не смее да се преземаат никакви активности додека не се надминат разликите, па Црна Гора веќе вложи формален приговор до Загреб поради „прекршувањето на Протоколот“, но и до меѓунардоните институции, се вели во реакцијата на црногорската Влада.

Двете земји настојуваат да се најде решение за спорот околу малиот полуостров што настана по распадот на некогашна СФРЈ, но тој се актуелизира кога и Хрватска и Црна Гора распишаа тендери за испитување на морското дно за откривање и експлотација на нафта и гас.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.