Црна Гора во јуни ќе стане членка на НАТО

Црна Гора во јуни ќе стане членка на НАТО, изјави денеска на прес-конференција генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Тој прецизираше дека сите држави од Алијансата веќе го ратификувале договорот со Подгорица.

– Земјите од НАТО го завршуваат процесот за ратификација на протоколот за членство на Црна Гора. Ние ќе го поздравиме премиерот на оваа земја на самитот, очекуваме таа да стане 29. членка на НАТО, додаде генералниот секретар на Алијансата.

Столтенберг одговарајќи на прашање појасни дека изјавите на државните и владините шефови на земјите од НАТО на утрешната средба во Брисел, како и секогаш ќе бидат мерени со стоперка. Тој ова го изјави во врска со истечената информација дека поради претседател на САД Доналд Трамп, државниците од НАТО ќе треба да одговараат кратко за да можат да го задржат неговото внимание.

Меѓу темите на утрешната средба ќе бидат прашања за поделба на товарот на активностите на Алијансата, постигнување на целта за трошоците за одбраната, еднакви на два отсто од БДП на земјите од воениот сојуз, разработка на национални планови за евидентирање и проценка на остварувањата на тие цели.

НАТО ќе ги добие клучеви од новото седиште во Брисел, претседателот Трамп ќе отвори споменик, посветен на член пет од Вашингтонскиот договор, а германската канцеларка Ангела Меркел ќе отвори споменик со парче од Берлинскиот ѕид.

– Средбата ќе биде куса, но важна. Ќе испратиме важен сигнал за единство и емпатија, појасни тој.

Столтенберг додаде дека новиот дом на НАТО ќе биде отворен на терен, кој претходно бил воено поле, а денес станува симбол на соработка и дијалог меѓу сојузниците.

– Ќе покажеме дека остануваме единствени против заканата од тероризмот и за заштита на нашите отворени општества, рече тој.

Според него нападот во Манчестер е заеднички предизвик, кој бара заеднички одговор на разузнавачките и судските системи, како и на воените сили.

– Споделувањето на разузнавачките податоци е во основата на нашите активности, имам доверба дека сојузниците умеат да раководат правилно со податоците, рече Столтенберг како одговор на прашањата, поврзани со сомневањата за однесувањето на Трамп.

– Нема да навлегувам во внатрешна дебата со САД за мешањето на Русија во изборите за претседател, тоа прашање не се одрази на работата на НАТО и на споделувањето информации, додаде тој.

Столтенберг исто така напомена дека нема барање и нема да се разгледува испраќањето на копнени сили против Исламска држава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.