Црни сценарија за Балканот и ЕУ

Европскиот фонд за Балканот и Центарот за југоисточни студии на Универзитетот во Грац излегоа со вознемирувачки сценарија за регионот, ако продолжи политиката на одолговлекување на членството на балканските земји во ЕУ, пишува Утрински весник.

Анализата посветена на десетгодишнината од солунското ветување за прием и во пресрет на 25-годишнината од распадот на бивша Југославија посочува дека, иако најавено, членството во ЕУ веќе не е сосема извесно, со бројни идни последици за регионот. Симптомите за состојбите што се најавуваат се веќе видливи во сите пет земји, вклучувајќи ја и Македонија, а главната порака е дека, ако не влезат во Унијата што побрзо, овие земји или ќе дигнат раце од евроинтеграцијата и ќе завршат во дезинтеграција, или ќе се соочат со процес на „туркизација“ на општествата, т.е. ќе страда демократијата.

„Оние што се родија во Косово во 1999 година, за време на НАТО интервенцијата, имаат 15 години сега, а ќе имаат над 25 кога ќе се разгледува дали воопшто е можно членството на Косово во ЕУ“, пишува во анализата, според која до 2020 ниту една балканска земја нема да стане членка со овие услови, а Косово и БиХ до 2040 година, што е растојание од речиси половина век.

Притоа се разгледуваат четири можни сценарија – статус кво (процесот да тече со барањата и во условите како досега), „турско“ (преговорите да станат бескрајни а земјите да изгубат доверба во процесот и да ги напуштат реформите), дигање раце од членството ( кое ќе отвори простор за ривалство на Русија, Турција,Кина и САД во регионот и за политичка нестабилност) и единственото позитивно – ЕУ да го смени пристапот ( да не бара исполнување на условите пред почеток на преговорите туку пред членството, а тоа да важи и за споровите).

Македонија е кандидат за сите сценарија, при што само последното може да ни ја отвори вратата за ЕУ, а другите три водат кон проблематизирање на државноста, авторитаризам, политички клиентелизам, внатрешни меѓуетнички конфликти и дезинтеграција, со тоа што ако влеземе во тој круг, нема да има излегување од него.

„ЕУ треба да престане да бара исполнување на условите пред преговорите за членство. И другите политички услови треба да се бараат на крај на процесот, не на почетокот. Колку побрзо овие земји станат членки на ЕУ, толку подобро. Популистичките и авторитарни тенденции, назадувањето на демократијата и на слободата на медиумите се контраодговор. Ако оваа стагнација не биде запрена од Унијата, од земјите членки и од земјите во Западниот Балкан, ветувањето од Солун ќе остане неисполнето“, се предупредува во извештајот, со генерална оценка дека ризиците се преголеми а трансформативната моќ на ЕУ врз земјите премала во вакви услови.

Пред да ја прогнозира иднината, извештајот се занимава со сегашноста која дава основа за сите предвидувања. Па така, стои дека петте држави и натаму се слаби и со дисфункционални институции, етно-националистичката реторика станува силна, државноста и натаму се предизвикува а бројни билатерални и внатрешни проблеми остануваат нерешени. Се забележува рекордна стагнација и назадување во клучните индикатори за добро владеење, и иако властите се колнат во ЕУ членството, „формални и неформални политички и економски елити продолжуваат да манипулираат со етно-националистичка мобилизација за нивните приватни бизнис интереси и за зачувување на политичката моќ“.

На некои од владите, стои во извештајот, само пола срце „им чука за ЕУ“, реформите се одлагаат, економиите не се развиваат и се зависни од помош и кредити. Конкретно за Македонија е оценката дека грчкото вето околу преговорите за ЕУ и обезбедува алиби на Владата за одлагање на реформите, демократијата стагнира а спорот за името придонесува за пораст на дестабилизирачка популистичка политика на домашната арена. Имплементацијата на Охридскиот договор, стои натаму, не ги трансформирал односите меѓу Македонците и Албанците, а некои реформи се Потемкинови села.

„Иако некои условувања беа корисни, како фокусот на владеењето на правото, сегашниот пристап на ЕУ донесе дополнителни проблеми и место да го забрзаат, уште повеќе го забавија проширувањето, па ни земјите членки ни кандидатите не се веќе ентузијасти за процесот“, се оценува внатре нарекувајќи го тоа растечки цинизам.

Македонија се смета како можно најзагрозена и со второто сценарио, заедно со Косово и БиХ. Развлекувањето до недоглед на преговорите, по примерот на Турција сега, како и бледнеењето на сликата за благостостојбата во ЕУ се економската криза, според процената ќе доведе до статус кво во реформите, меѓусебно блокирање на земјите, одење кон полуавторитаризам, контрола на медиумите, измена на уставите и доминација на извршната власт на институционалниот баланс.

„Ако ова придонесе за натамошен пораст на авторитарните практики, како во Турција сега и во некои од балканските земји, тоа само ќе го зголеми скептицизмот на членките на ЕУ за нивен прием. Овој врзан круг ќе доведе до „турското сценарио“ каде што сите страни се преправаат дека евроинтеграцијата продолжува, но реално е запрена“, стои во проценката, со додавка дека дури и да продолжат граѓаните да го поддржуваат ЕУ членството, елитите тивко ќе му свртат грб.

Третото сценарио, инспирирано од Украина, најавува стратешко враќање на Русија во регионот, кое ќе предизвика вмешување и на Турција, Кина, арапските земји и САД во геостратешко ривалство на штета на земјите тука. Македонија ќе се најде тука ако ЕУ престане да препорачува преговори за земјата, т.е дигне раце од нас, при што антизападните чувства ќе растат бидејќи на адреса на Брисел ќе се препишуваат сите неуспеси на земјата.

Идеалното сценарио, балканските земји да се втурнат во ЕУ со балкански „биг бенг“ процес , според оценката ќе зависи пред се’ од политичката волја на земјите членки на ЕУ да ги тргнат кочниците, да ги омекнат условувањата а заостанувањата да се решаваат со мониторинг како за Бугарија и Романија.

Извор: Утрински весник