„Црните страници на УДБА“ го откриваат злосторството на комунистичките тајни служби

Првите 202 досиеја од огромната архива што југословенска тајна разузнавачка служба до 1990 година, а потоа и полицијата на демократска Македонија до 2000 година ги водела за огромен број македонски државјани од денеска се достапни за јавноста.

Едицијата насловена „Црните страници на УДБА“ во која на 13.000 страници преку користење на неовластено направени извештаи од тајната полиција е опишано што се случувало во Македонија од 1945 до 2000 година, содржи сведоштва за поголем број Македонци, пред се членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои биле следени од управата за државна безбедност на поранешната југословенска држава.

Државниот архив на Република Македонија во 16 кинги, поделени во 9 тома ги промовираше овие сведоштва, со цел да останат да сведочат за мрачната историја. Во нив ќе можат да се прочитаат тажните судбини на голем број истакнати македонски дејци. Првиот том е насловен „Елиминацијата на ВМРО по 1945 година“, вториот „Информбиро“, третиот „Помалку познати судбини“, четвртиот „Ченто и Доцев на удар“, петиот „Емиграцијата – државен непријател број еден“, шестиот „Уметниците на мета“, седмиот „Борбата за независна Македонија никогаш не престанала“, осмиот „Следење, обработка и обиди за растурање на ВМРО-ДПМНЕ“ и деветтиот том „Лустрацијата недовршен процес“.

Необично е што во Македонија следењето од страна на тајната полиција продолжило и по падот на претходниот систем и осамостојувањето на земјава, па дури и во првите две години од доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, односно до февруари 2000 година кога за министер за внатрешни работи била именувана Доста Димовска. Во тој период на мета е ВМРО-ДПМНЕ и партиите блиски до нејзината иделогија.

Оваа партија и нејзини активисти биле следени и додека биле власт од 1998 до 2000 година, истакна на денешната промоција Александар Даштевски.

„За целиот период од УДБА се користени најгнасните методи кои се под секакво човечко достоинство, односно најблиските роднини, пријатели и колеги биле користени како поткажувачи кои давале податоци за следените лица. Во едицијата се опфатени само 2 отсто од целокупниот архивски материјал, но извади на површина многу работи кои ќе придонесат за промена на сериозни историски факти и многу важни големини во општеството кои своите кариери ги направиле со уништување на туѓи судбини, а не ретко и животи“, рече Даштевски.

Тој појасни дека материјалите промовирани во едицијата биле неовластено направени во временски период од 55 години , потенцирајќи дека иако поранешна Југославија била дел од ООН и ја прифатила универзалната конвенција за човекови права, нејзината тајна разузнавачка служба грубо ги кршела човековите права.

„Денеска некои од тие што ги воделе постапките тврдат дека тоа било официјална постапка за работење на службата, но дали може таа постапка да биде во спротивност со меѓународното право, со домашното право и со основните човекови права кои му припаѓаат на секој човек од неговото раѓање и на целото негово достоинство. Таа монструозна постапка одела дотаму што доколку началникот поднесе барање за следење на некое лице тоа задолжително се прифаќа од страна на раководителот на МВР. Понатаму се превземаат такви радикални мерки според кои не е важно какви ќе бидат последиците, дали ќе се наштети на неговиот углед и угледот на неговото семејство, а често доаѓало и до смрт поради невозможност да се издржат притисоците кои службата му ги правела т.н. „предмет на оперативна обработка“, како што ги нарекувале следените лица во тоа време“ преку своите шпиони и соработници, посочи Даштевски.

Во Република Македонија, како што додаде тој се случило, најстрашното сценарио во поранешниот социјалистички свет.

„Македонија станува независна државава во 1991 година и со тоа го наследува континуитетот од поранешната држава. Во 1993 станува членка на ООН, а во 1995 година на Советот на Европа, со што ја прифаќа европската конвенција човекови права и фундаментални слободи. Но, токму тогаш започнува најцрната точка во нејзината историја. Токму во тој период поради незавршената лустрација претставниците и наследниците на претходниот систем почнуваат да ги следат членовите на ВМРО-ДПМНЕ или оние кои се блиски до партијата, како и другите партии блиски во ВМРО-ДПМНЕ. Тоа претставува грубо кршење на човековите права и слободи и во време на едноумието би требало да претставува далечно минато. Како врв на целата таа состојба доаѓа и до масовно следење на таа политичка партија, за што се потрошени огромни средства и масовно се ангажирани кадри, техника и време, спротивно на принципите на либералниот капитализам “, додаде Даштевски.

Едицијата, според директорот на државниот архив, е сведоштво за едно време во кое била забранета секоја напредна мисла која не соодветствувала со погледите на елитите кои биле на власт. Од државниот архив велат дека изминативе години биле уништени голем број досиеа, а кај голем дел од нив недостасуваат и по неколку страници.

Со примопредавањето на досиејата од МВР во државниот архив биле сокриени голем број предмети, меѓу нив и досието „Темел“, водено за ВМРО ДПМНЕ. Но, за среќа истото е пронајдено и денеска е дел од објавената едиција „Црните страници на УДБА“.

„Забележавме дека во одредени досиеја кои се дадени во Државниот архив недостасуваат страници. Останува на идните истражувачи да утврдат што се случило и каде исчезнале. Ние нашата работа ја завршивме. Ги направивме достапни за јавноста овие црни страници на поновата македонска историја и ги заштитивме од изчезнување за да бидат сведоштво за големиот и нескршлив македонски дух што ја издигна Македонија во постоење кое никој не ќе може да го оспори се додека постои сеќавањето на Македонците и нивното крварење за ова што денеска го имаме“, рече директорот на Архивот, Филип Петровски.petreski

Според директорот на државниот архив, Филип Петровски, оваа едиција е темелно ископување на вистината и сведоштво на големиот и нескршлив македонски дух.

“Ние во едицијата не тврдиме дека една личност е жртва или соработник. Во систем кој користел нечовечки методи многу возможно е иста личност да биде скршена и да подлегне не притисокот за да се спаси. Има и такви случаи во кои самата УДБА се сомневала дека тие што се согласиле да станат нејзини соработници тоа го направиле за да ја заведат во погрешна насока или, пак, давале бесполезни информации колку да се каже дека нешто направиле. Наша работа не беше ниту да коментираме, тоа ќе го направи јавноста и историската наука“, посочи Петровски.

Во едицијата не се објавени страници поврзани со интимата на „обработуваните“ личности.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.