Македонија

Црно му се пишува на „Фолксваген“ во САД, во Македонија нема кој да контролира

Црно му се пишува на „Фолксваген“ во САД, во Македонија нема кој да контролира
Фолксваген фатен во огромна измама - Повлекува 500.000 возила и му се заканува казна

Администрацијата на Обама му нареди на „Фолксваген“ да повлече околу 500.000 автомобили, поради илегалното инсталирање на софтвер кој му овозможил да лажира на еко тестовите.

„Фолксваген“ во своите автомобили тајно инсталирал посебни софтвери, кои за време на тестирањето од страна на Агенцијата за заштита на средината, вклучувале и системи за контрола на издувни гасови. По тестирањето, софтверот автоматскиги ги исклучувал тие системи, при што автомобилите испуштале дури и за 40 пати повеќе штетни издувни гасови од тоа што е дозволено. Американската Агенција за заштита на околината верува дека софтверот бил инстлиран на бројни модели на „Фолксваген“ и на „Ауди“ автомобили, кои се продавале во изминативе шест години, односно од 2009 година, па се’ до сега. Станува збор за дизел модели на „џета”, но и „голф“, популарната „буба“, „пасат“ и „ауди А3“.

„Фолксваген“, изгубил 17,1 проценти од својата вредност на берзата во понеделникот, откако призна дека намерно лажирал тестови за смог за речиси половина милион автомобили во САД.

Казна од 18 милијарди долари и непроценлива штета од нарушен углед

Германскиот концерн вчера ги потврдил извештаите за лажирањето на тестови за мерење на издувни гасови на дизел возилата во САД. Американската Агенција за заштита на средината повела истрага против концернот, меѓу другото и за кршење на Законот за заштита на климата т.н. „Clean Air Act”. Во најлош случај, на „Фолксваген“ му се заканува казна од 18 милијарди долари, како и непроценлива штета поради нарушениот углед.

Вредноста на акциите поради скандалот во понеделникот паднала за повеќе од 20 отсто и моментно изнесува помалку од 130 евра. Директорот на „Фолксваген“, Мартин Винтерком изразил жалење поради тоа што ја изневерил довербата на јавноста и најавил сеопфатна истрага за случајот.

– Фолксваген нема да толерира кршење на прописи или закони, кажал тој, и додал дека концерот ќе направи се’ повтроно да ја добие довербата на клиентите и на јавноста.

Американската агенција за заштита на околината (ЕПА), го товари „Фолксваген“ за лажирање на резултатите од тестирањето на дизел возилата. Се споменува бројка од 482.000 возила, претежно произведени помеѓу 2009 година и 2015 година. Фолксваген наводно користел специјална програма која покажува дека возилата ги исполнуваат условите при тестовите, што не е случај и во текот на возењето.

Во меѓувреме, германската сојузна влада наложила на Сојузната агенција за сообраќај на моторни возила да испита дали и во Германија имало лажирање на резултатите.

Поради скандалот, „Фолксваген“ привремено ја стопираше продажбата на дизел возилата со мотори со четири цилиндри во САД, а нема да продава ни половни возила од тој тип, соопшти вчера портпароолот на овој концерн.

Истрага и во ЕУ

Истрага и во ЕУ
Истрага и во ЕУ

Откако се откри дека „Фолксваген“ лажел на тестовите за штетини гасови, францускиот министер за финансии, Мишел Сапин смета дека е потребна истрага на ниво на Европската Унија, која нема да ги заобиколи ни француските автомобили.

– Тоа мора да се направи на ниво на ЕУ. Ние сме европски пазар со европски правила, и тие мораат да се почитуваат, а токму тие се прекшени во САД. Иако правилата ги прекршил „Фолксваген“, мислам дека мораме да ги провериме и француските произведувачи за да ги увериме луѓето дека се’ е во најдобар ред. „Фолксваген“ покрена интерна истрага, нема причина да се сомневаме дека Французите нема да го сторат тоа, кажал Сапин.

По САД и Европа, се чини дека и Јужна Кореја подготвува истрага за три дизелски модели на „Фолксваген“ – „џета“, „голф“ и „ауди А3“, произведени во 2014 и 2015 година и кои се продаваат на нивниот пазар. Станува збор за околу 5.000 сомнителни автомобили.

Македонија надвор од ризичниот пазар за вакви измами?!

Колку скандалот на „Фолксваген“ може да се преслика во Македонија и колку нашите граѓани се заштитени од ваквите измами на автомобилските концерни, професотор на Машински факултет, Милан Ќосевски вели дека ризикот за такво нешто е минимален, а Македонците се заштитени, исто како и граѓаните во ЕУ.

Ќосевски посочи дека постои серозна контрола на увезените возила во која учествува Машинскиот факултет, и дека наводно нема потреба од загрженост.

-Овој скандал ги разбуди европските здруженија на купувачи и ако Европа се разбранува, ќе го следиме нејзиниот пример. Оваа работа е сериозно обемна и треба да се внимава да не се паничи. Станува збор за американскиот пазар, не за европски. Американските стандарди за дозволено емитување на гасови се поинакви од европските, а македонското законодавство во овој дел е компатабилно со европското. Во Европа не постои Агенцијата ЕПА, други се прописите. Се прават тестирања во овластени големи лаборатории и оттаму се добивааат сертификати за цела Европа.

Од 2008 година законот за возила е компатабилен со европските нормативи. Сите возила кои се увезуваат се проверуваат дали се претходно тестирани. Фабриката ваквите тестирања не ги спроведува на сите возила, туку на неколку, кои ги зема како примерок, и произведувачот понатаму гарантира дека останатите возила се исти како тестираните. Тој што го издава сертификатот, повремено прави контроли во фабрииката, и тој е тој механизам кој дозволува понатаму возилата да бидат пуштени на пазарот“, вели провесорот Ќосевски.

Тој, воедно истакна дека во Македонија клиенстите се максимално заштитени, но сепак теоретски постои можност да се случат извесни недоследности.

-Сепак, станува збор за мал пазар и не верувам дека автомобилските произведувачи ќе маат специјален однос кон Македонија, па ќе се дрзнат да прават некакви измами, кои се карактеристични за големи пазари. Знчи, кај нас ризикот е минимален, вели професорот.

Од „Порше Македонија“ кои се генерален увозник  на „Фолксваген“, се воздржани од коментар, бидејќи, како што посочија, не се работи за афера која се случила на нашиот пазар.

Новите возила што се увезуваат кај нас, на царина поминуваат според  документи кои директно се испраќаат од автомобилската фабрика. Од една скопска шпедитерска фирма велат дека, дополнителни проверки дали  стандардите што се наведени во документите навистина ги поседува возилото не се прават, бидејќи, автомоблите се царинат според оригинални документи. Доколку се направи некоја ваква измама, во случајот, најдиректно одговорна компанијата што ги произведува и извезува возилата, додека нашите дистрибутери и одговорните институции немаат вина, велат од шпедитерската компанија.