Црногорец обвинет поради коментар со смртна закана кон премиерот Ѓукановиќ

Полицијата во Подгорица покрена обвинение против 28-годишниот Лука Вукоевиќ поради објавен коментар на порталот „Вијести“ во кој се заканува дека ќе го убие црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ за да ја спаси нацијата, пренесе МИА.

Коментарот на Вукоевиќ бил напишан под текст со наслов „Порака до буржуите: не ограбивте, но нема да не угнетувате“, а со содржина: „Ќе се жртвувам за нацијата. Ќе го убијам премиерот. На тој начин ќе ставам крај на сопствениот живот, но и на 20-те години ропство. Барем нешто да направам за своите деца, штом изборите не помагаат“.

Откако полицијата добила информација дека на 14 мај бил објавен овој коментар, започнала истрага за пронаоѓање на нејзиниот автор. За случајот било известено и обвинителството, кое потврдило дека коментарот има елементи на криминално дело, пренесе МИА.

Вукоевиќ бил идентификуван и задржан на сослушување во петокот, по што бил ослободен. Полицијата утврдила дека тој го испратил коментарот од домашниот компјутер и претходно нема објавено други закани или текстови со слична содржина.

Авторот на коментарот е обвинет поради загрозување на безбедноста на премиерот, за што законот предвидува парична казна или затвор.