Црногорска невеста на македонска изборна свадба

На свој начин, мошне добро за нас е ова што се случува со парламентарните избори во Црна Гора. Таму, веќе е очигледно што се случува. На опозицијата, групирана во повеќе сегменти, не ~ успеа да собере 41 пратеник и прексиноќа објави дека нема да ги признае резултатите од неделното гласање.

Индикативно е тоа што објавата на ваков радикален потег се случила само неколку часа по упатувањето на поканата од страна на опозицијата до неколку партии на етничките малцинства да им се придружат за да го урнат Мило Ѓукановиќ и неговата ДПС. Одговорот на неколкутемина пратеници на етнички малцинства, кои досега му беа лојални на Ѓукановиќ, очигледно бил негативен, а што, нели, имплицирало дека досегашната опозиција и натаму ќе остане опозиција. За да се одбегне срамот од поразот, се посегнало по исчекорот со целосното непризнавање на изборните резултати.

А, колку што можеше да се види од образложението за ваков радикален чекор цела аргументација се сведува на тоа што на денот на изборите црногорската полиција уапсила група од дваесетина лица од Србија, кои вечерта по изборите наводно планирале да извршат државен удар во оваа земја и да ја прогласат победата на одредени политички партии. Тоа, односно, сослушувањата, државни удари и слободни избори – не одат заедно – е крунскиот аргумент на опозицијата за нејзиниот потег. Нема поднесени приговори за гласањето на избирачките места, нема докази за фалсификати, нема лажни лични карти, нема докази за купување на гласовите од дијаспората, нема „бугарски возови“, нема полнење на гласачките кутии, нема „човечиња што се водат за рака“… нешто што е омилен вокабулар на секоја партија што ќе се реши да не ги признае целосните изборни резултати.

Kолку што се виде на гласачките места, единствените проблеми биле врзани за употребата на апаратите за идентификација, јавни навредувања на одредени лица, а како проблем се наведува и тоа што во еден период не била можна комуникацијата преку „Вибер“ и „ВотсАп“.

Што ова, всушност, значи?

Дека за време и непосредно по изборите немало речиси никакви позначајни проблеми, но тие се појавиле тогаш кога станало јасно дека опозицијата нема да може да формира влада, иако и’ недостасуваа само двајца-тројца пратеници. Затоа сега се објавува дека изборните резултати не се признаваат, се отвора можност за целосен бојкот на парламентот и што, без дилема, значи дека одржувањето на овие избори нема да значи и крај на црногорската политичка криза.

Зошто најавата од почетокот на текстот дека ова црногорско случување е добро за нас?

Затоа што политичките состојби во Црна Гора и Македонија имаат многу сличности. И таму има долготрајна политичка криза, и таму беше формирана преодна влада, во која влегоа претставници на опозицијата, и таму опозицијата упатуваше тешки обвинувања на сметка на владејачката ДПЦ и нејзиниот лидер Мило Ѓукановиќ и таму се презедоа повеќе договорени мерки за да се обезбедат услови за фер и регуларни избори. Така и се правеше се’ до денот на гласањето, кој го донесе тоа што е веќе добро познато.

По сличен колосек, нели, одат и подготовките за изборите во Македонија. Веќе ја имаме преодната влада, парламентот е распуштен, Избирачкиот список е прочистен, медиумите се контролираат… се оди кон тоа на денот на гласањето на 11 декември да не биде присутна ниту една можност за оспорување на изборните резултати. Но, еве, црногорскиот пример покажува дека и со така исполнети услови воопшто нема гаранции дека резултатот од изборите ќе биде прифатен од опозицијата. Излегува дека таа си дозволува да оспорува нешто што на денот на гласањето и по него, кога се’ уште постојат легални законски рокови, воопшто не го оспорила.

А, аргументирано оспорување, со конкретни докази и примери, може и треба да биде единствениот пат за тврдењата од типот дека изборите биле нерегуларни. Точно е дека полициската акција на црногорската полиција предизвикала многу дилеми и прашања, но премногу е ако се тврди дека таа влијаела до таму да ја смени изборната волја на црногорските гласачи.

Прашањето што останува и на кое до 11 декември ќе треба да се даде одговор е следно – што ако ист ваков однос се случи и од македонската опозиција? Што ако и тогаш, на денот на гласањето се немаат приговори, а потоа, откако ќе се видат (не)можностите да се формира влада, да се прогласи (не)регуларноста на изборите?

Се чини дека е вистинско време да се побараат некакви гаранции од нашите политички партии за прифаќањето на изборните резултати. Се разбира, тие тоа веднаш ќе го одбијат со образложение дека не може да гарантираат дека оти на изборниот ден се’ ќе помине регуларно, но и ваквиот однос не е во ред. Ќе излезе дека изборите воопшто нема да значат крај на политичката криза, која станува неиздржлива, туку почеток на нов циклус на обвинувањата за тоа кој стои зад конечниот изборен резултат.

Бранко Ѓорѓевски за Дневник

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.