Црногорскиот парламент изгласа доверба во владата на Ѓукановиќ

По тридневна расправа, во која доминираа препукувањата и меѓусебните обвинувања меѓу пратениците од двете партии на владината коалиција, црногорскиот Парламент доцна синоќа и изгласа доверба на Владата на премиерот Мило Ѓукановиќ, пренесува МИА.

За доверба на Владата гласаа 42 пратеници, а 20 беа против. За добивање доверба на владиниот Кабинет му беа потребни најмалку 41 глас.

За владината доверба се изјаснија пратениците на владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС) на Ѓукановиќ, на опозициската Позитивна Црна Гора и на партиите на националните малцинства.

Црногорскиот парламент изгласа недоверба во владата на Ѓукановиќ
Црногорскиот парламент изгласа недоверба во владата на Ѓукановиќ

Против пак гласаа пратениците на блокот опозициски партии, но и на помалиот партнер во владината коалција – Социјалдемократската партија (СДП) на претседателот на Парламентот, Ранко Кривокапиќ.

Во завршното обраќање пред изјаснувањето на пратениците, Ѓукановиќ соопшти дека го прифаќа планот за надминување на политичката криза во земјата, предложен од партијата Позитивна Црна Гора и ја повика опозицијата да се вклучи во работата на Владата.

Аналитичарите во Подгорица оценуваат дека синоќешното гласање во црногорскиот Парламент претставува дефинитивен крај на коалицијата меѓу ДПС и СДП, која датира уште од 1998 година.