Балкан

Црногорските власти загрижени поради закани на џихадист од Бар

Црногорските власти загрижени поради закани на џихадист од Бар

Потпретседателот на црногорската Влада, Душко Марковиќ и министерот за внатрешни работи, Рашко Коњевиќ изразија загриженост поради заканите кои џихадистот од Бар, Дамир Слаковиќ преку Фејсбук ги упати на поедини пратеници и граѓани и очекуваат реакција од надлежните државни органи.

Марковиќ за „Дневне новине“ оценил дека би требало да реагира обвинителот, додека Коњевиќ нагласил дека државните органи имаат обврска да преземат надлежности за било која закана, особено кога е упатена кон високи државни функционери.

Потпретседателот на Владата, исто така е загрижен дека граѓаните кои учествуваат во борбите на Исламската држава можат да го загрозат регионот и поради тоа, вели, неопходно е казнување на таквите борци.

-Реакцијата не смее да биде само воена, туку  и политичка, социјална и економска, очекува Марковиќ.

Министерот за внарешни работи тврди дека Управата на полицијата во соработка со Агенцијата за национална безбедност презема активности и ги следи сите потенцијални предизвици со кои, како што вели, „за жал се соочуваат и земјите во регионот“.

Слаковиќ, кој тврди дека се приклучил на Исламската држава во подрачјето меѓу Сирија и Ира, преку својот Фејсбук профил упати закана до граѓаните на Бар, наведувајќи дека „ИД ќе дојде“, како и дека „нема да има милост“.

Истовремено тој се заканил и на црногорските пратеници Рифат Растодер, Дритан Абазовиќ и Азри Јасавиќ, за кои вели дека се „отпадници кои мислат дека се муслимани“.

Како што пренесуваат медиумите, пораката била објавена на Фејсбук на 29. април.