Црта

Да ставиме црта: од почетокот на февруари до сега, два месеци бомбардирање на Македонија, до денес – по 14 извршени напади врз државата со бомбите од Бихаќка… каде сме. И, што понатаму.

Бомбите, освен сеир, не предизвикаа речиси никакви политички движења во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ и Груевски се власт, како што беше решено по минатите парламентарни избори. Нивната позиција е иста како и пред нова година, а во владата се фрлени на нови проекти.

СДСМ и понатаму е опозиција. Но, таму има поместувања. Заев веќе не е стабилен и неприкосновен шеф во СДСМ, како ни Шекеринска која ни оддалеку не е лидер каков што беше пред аферата. Имаат силна опозиција во самата партија, и извесно е дека Зоран Заев и Радмила Шекеринска нема уште долго да потрајат. Дали нов шеф ќе биде Стево Пендаровски, Жерновски или некој трет, ќе се решава во догледно време. Годинава.

Црвенковски, согласно неговата традиција, паметно молчи и чека расплет. Секако, тој има свој фаворит за иден претседател но, типично за него, ќе почека да види кој од можните идни е најблиску до победа, па ќе се вклучи во процесот на крај.

Самиот факт дека Црвенковски не стои зад Заев е јасен знак дека Заев не е победник во трката за шеф на СДСМ на подолг период.

Битно за одлуката кој ќе го води СДСМ во наредните години е кој ќе биде идниот шеф на фондацијата Сорос, што ќе се знае за најмногу два месеци.

Фондацијата Сорос е исклучително битен финансиер на активностите на СДСМ, и првиот човек има важно влијание во сите процеси во партијата. Сега има неколку опции за шеф на Сорос – од помошничката на сегашниот директор Милчин, што е струја блиска до Шекеринска – па се до Гордан Георгиев, што е сосема спротивна струја која е блиска до Црвенковски, и која засега има поголеми шанси.

Според анкети кои се прават во СДСМ, како и во ВМРО, но и за потреби на американскиот Републикански институт… работите мерени по избивање на аферата со прислушување и бомбите на Заев – стојат вака.

ВМРО-ДПМНЕ од рејтингот, кој кај наведените анкети се движел од 23-28 проценти, сега има благо намален рејтинг за 1-3 проценти, а Заев одржа дури 14 сесии со објавување прислушувани разговори. Заев допрва го чекаат судења за прислушувањето, како и за барање поткуп од 200.000 евра, и кога во јавноста ќе се појават доказите, снимките, документите… рејтингот на Заев и СДСМ ќе одат надоле.

Според наведените три извори од анкети, рејтингот на СДСМ со сите овие галами и бомби, е останат ист, или е зголемен за само еден процент. Падот на рејтинг на ВМРО-ДПМНЕ од 1-3 поценти не се прелеал кај СДСМ, туку е апстиненција на дел од јавноста врз кој аферата со бомбите имала ефект. Но, тоа е само 1-3 проенти.

Што значи, и кај тој мал дел граѓани, ако се разочарале во ВМРО не веруваат дека СДСМ (со Заев) е решение за состојбите кои за нив се спорни.

Кај личните рејтинзи на Груевски од една, а Заев и Шекеринска од друга страна, работите стојат слично, дури полошо за Заев.

Груевски не загубил речиси ништо од личните рејтинзи, или има загуба од само 1-2 проценти. Неговиот рејтинг бил 25-29, а сега е околу 24-26 проценти поддршка во јавноста за Груевски. Тој е решение за невработеноста, стабилноста и уставното име.

Заев пред аферите со прислушување и бомбите имал рејтинг од 7-9 проценти, кој му е и сега актуелен, со пад на рејтинг меѓу Македонците но, исто толку зголемен рејтинг кај Албанците кои ги штеди од своите афери, и им се упикува за коалиција.

Или, споредено, Груевски има 300 проценти повисок личен рејтинг од Зоран Заев, и денес, после сите бламажи од Бихаќка. А судењата на Заев не ни почнале. Шекеринска и тука е на ниво на статистичка грешка. Таа е грешка секаде.

Медиумите кои силно и агресивно работат за потреби на СДСМ, особено последниве месеци, немаат раст на рејтинг. Што значи, дека немаат предизвикано интерес и поддршка од јавноста. А поминаа дури 14 сесии со нивните бомби.

И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, според критериуми на СДСМ, имаат поддршка кај по три телевизии со национална концесија за секој од нив. СДСМ има поддршка од три, а ВМРО-ДПМНЕ од два дневни весници… СДСМ има на располагање над 15 дневно активни политички портали, ВМРО има осум такви… и пак, СДСМ не може да изврши очекувано влијание во јавноста. Пред се затоа што не нуди ништо, освен тензии и хаос.

Не се случуваат ни очекуваните притисоци врз ВМРО-ДПМНЕ од дипломатијата.

Напротив, околу 30 пратеници во европскиот парламент веќе се потпишаа против Заев, барајќи да запре со користење порачани и криминално стекнати прислушуваниразговори, особено со нивното објавување, и СДСМ да се врати во парламентот.

Владата покани европски институции и експерти да бидат дел од истрагите за прислушувањето, како и заедно да направат анализа на објавените разговори, и да се утврди дали се оригинални, како и да се проверат наводите од разговорите.

Европа не покажа голем инетерс да биде контролор над истрагите, остава македонските институции да си ја завршат работата, а декларативно побара постапките да се водат транспарентно, според закон и непристрасно, што е ОК.

СДСМ успеа да добие поддршка само од муџахединската телевизија Ал Џезаира, што им се одрази многу лошо во македонската јавност. Успеа и на Русија да и даде адут, па Русите каде ќе стасаат тврдат дека Вашингтон е впелткан во прислушувањето во Македонија, и сака да урне власт со криминлани методи.

И, шо праиме сеа, а?

Дури и вакви какви што се сега, а ова е дно на партијата, во СДСМ знаат дека вака власт не се добива, а ниту значајна и долгорочна поддршка во јавноста и кај дипломатите. Дека ова отвора Пандорина кутија после што на ВМРО-ДПМНЕ во иднина му се дадени сите права да бојкотира, да уценува, да се заканува, користи полициски документи за компромитација на секого во државава… секако, ако ова на Заев му успее.

Тешко дека на потентни и неизвалкани политичари во СДСМ како Пендаровски, Ана Данева, Гордан Георгиев, Наташа Савова, Игор Ивановски, Андреј Петров, Горан Минчев… па и Жерновски ќе им докажете дека нивната политика треба да ја афирмираат и донесат до победа извиканите Заев, Милчин, Фрчкоски и Шекеринска, помагани од Стојанче Ангелов, Слаѓана Тасева, Саше Политико, Сашо Орданоски, Петре Шилегов, Бранко Тричковски, Никола Гелевски… друштво под дното на најдолната кал. Тиња.

Затоа во СДСМ се чека. Колку е можно ова друштво од тиња да им направи некаква штета на ВМРО и Груевски, а потоа партијата да се врати назад, во нормалниот свет.

Зарем СДСМ, а камоли јавноста, верува дека Стојанче Ангелов им е решение.

Стојанче Ангелов деновиве се пофали (!) дека во кафана го сретнал новинарот Дејан Николовски, и му се заканаил дека ќе настрада од него. И не само тој.

Види бе Стојанче Ангелов, генерал на војска која загубила војна. Ти си, можеби, појак од новинарот Дејан Николовски, ама си такво бикче затоа што ние од свој данок сме плаќале да те ранат, вежбаат и угојат до таа маса што ја имаш. Сме те плаќале со години, а кога си ни затребал – те немало. Си загубил војна заради која ние имаме федерална држава. Што значи, парите од даноци си ни ги изел, ама работа не си завршил па, сега дури и ни се силиш на нас што те издржуваме и гоиме ваков со години.

Те гледав еднаш на ТВ дуел со командант на учките од Кумановско, и ми се гадеше како му се улизуваш и извинуваш. Како што лигаво му се удвараш и го оправдуваш портпаролот на УЧК, Зекири од Алсат и агитаторот на истите, Насер Селмани од ЗНМ.

Сега нешто си силен и се закануваш на новинари. Обвинителот ќе си го исфрлел на клоци, во МРТВ ќе си ја земел работата под свое… правиш капитал од ранувањето во 2001 година, кога твојот брат Љубе со УЧК тераше бизнис прикажувајќи дека божем им заробил два камиони оружје, за учките да оправдаат пари за оружјето кај газдите. А оружјето беше наше – старо, расходувано од МВР. Како се поделија парите, а?

Стојанче се надева дека власта ќе падне, и дека во идната власт на СДСМ тој ќе добие свое, високо место. Ќе се наплати. Парадира пред МРТВ заедно со некои глумици кои десет години земаат плата од Драмски, а немаат ни три премиери истерано, живеејќи од спонзорства од добростоечки банкари. Заедно со еден дебел кој се уште не објасни како наплатил големи пари од сомнително запалено и изгорено продукциско студио.

Тука е и Бојаровски, со кого МРТВ заглави со милион евра долг кон Словенците.

Да не го опишувам друштвото пошироко, незгодно е.

Можам да го замислам Бранко и неговите како Стојанче, без школо, губитничка биографија, и со речник кој може да се сведе на три подолги вицови седи во власта на СДСМ. Ако не за друго, со она чело од два прста кое зрачи со интелект, ќе им ја упропасти групната фотографија. Иди бе Стојанче онаму каде што ти е местото. Овде не ти е.

Затоа, да ставиме црта на досегашново, и да видиме што понатаму.

Драган Павловиќ-Латас за Вечер