Македонија

Црвен крст дистрибуираше помош во поплавените подрачја

Црвен крст дистрибуираше помош во поплавените подрачја

Црвениот крст на Република Македонија денеска дистрибуираше хуманитарна помош во поплавените подрачја во Битола, Прилеп, Штип, Кочани, Струмица, а вчера попладне и во Кичевско и Гостиварско.

Преку мобилните телефони од Т-Мобиле, ОНЕ и ВИП 070.075/077 143 400 до денеска се собрани вкупно 4.683.500 денари, а на сметката на Фондот на солидарност се собрани 741.987 денари.

Во битолскиот регион се дистрибуирани 300 пакети со прехранбени продукти, 300 пакети со средства за хигиена, 50 пара гумени чизми и 800 ќебиња. Во Прилеп доставени се 50 пакети со прехранбени продукти, 50 пакети со средства за хигиена, 50 пара гумени чизми и 40 ќебиња.

Во Штип се дистрибуирани 50 пакети со прехранбени продукти, 50 пакети со средства за хигиена, 50 пара гумени чизми и 80 ќебиња.

Во Кочани се доставени 25 пакети со прехранбени продукти, 50 пакети со средства за хигиена, 50 пара гумени чизми и 40 ќебиња, додека во Струмица 25 пакети со прехранбени продукти, 50 пакети со средства за хигиена, 50 пара гумени чизми и 40 ќебиња.

Излевањето на Зајашка река во Кичево загрози околу 70 семејства кои беа евакуирани вчера доцна попладне. Црвениот крст на Република Македонија веднаш по направената проценка за потребите на настраданото население, достави помош од 70 пакети со прехранбени продукти, 70 пакети со средства за хигиена, 150 ќебиња и вода за пиење.

Поплавеното подрачје во Кичево го посети генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија, Саит Саити.

Поради излевање на каналите во населбата Бањешница, Гостивар, поплавени се 30 семејства на кои им е доставена хуманитарна помош во 30 пакети со прехранбени продукти, 30 пакети со средства за хигиена и 60 ќебиња.