Македонија

Црвен крст ќе ги згрижи најоштетените семејства од тетовско

Црвен крст ќе ги згрижи најоштетените семејства од тетовско

Околу 200 семејства од Шипковица, Голема и Мала Речица кои се најоштетени по поплавите кои го зафатија тетовско денес ќе бидат згрижени од страна на Црвен крст на Македонија.

Генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија Саит Саити, истакна дека веќе се обезбедени и првичните количини вода, храна, средства за хигиена, дезинфекција и ќебиња.

Нашите тимови се постојано на терен, даваат препораки и во целост ја следат состојбата, истакна Саити по денешното примање на донацијата од австрискиот Црвен крст за македонските болници.

Состојбата во тетовско се следи континуирано и од здравствен аспект. Направен е целосен увид во водоводната и канализациската мрежа. По расчистувањето на теренот, ќе почне и дезинфекцијата.

Уште вечерта кога се случи катастрофата, тимовите отидоа на терен. Покрај локалните, вклучивме и екипи од здравствените домови во Скопје и Гостивар, а пристигнаа и специјалистите по хигиена и епидемиологија од Регионалниот центар за јавно здравје во Тетово. Сите институции вклучени во Координативното тело што го формира Владата, максимално ги ставија на располагање своите расположливи средства за настраданите, рече заменик-министерот за здравство Јовица Андовски.

За состојбата во тетовско, заклучно со вчера, помош до Црвен крст на Македонија понудиле Црвент крст од Албанија и од Бугарија.

 

Дистрибуирана помош за најтешко настраданите семејства

tetovoЦрвениот крст на РМ, согласно сопствените капацитети веднаш се вклучи во санирањето на последиците од поплавите, за што на најпогодените семејства им беше дистрибуирана помош во храна 100 пакети, средства за хигиена 200 пакети, 150 сетови за дезинфекција, 400 ќебиња, 30 душеци, 10 вреќи за спиење и 1260 литри флаширана вода за пиење. Во текот на денот дополнително ќе бидат дистрибуирани и 15 тони вода за пиење.

Што им е најпотребно на настраданите во Тетово

Според првичната проценка, во моментот има потреба од помош во вода за пиење, средства за хигиена (средства за дезинфекција), храна и ќебиња.

Помошта може да се предаде во магацините на Црвен крст во Момин Поток од 8 до 16 часот (контакт телефон 3 096 227) до 15 август.

Каде можете да донирате

pena-tetovo2_2015832391Заинтересираните правни субјекти и граѓани можат да се вклучат и со обезбедување на парична помош:

-Сметка на Фонд на солидарност300000001327966 ДБ 4030984271620– Комерцијална банка

-Донирање на 100 денари со повик на телефоните 075/070/078 143 400

Црвениот крст на РМ следејќи ги случувањата на терен, донираните парични средства ќе ги насочи наменски за помош на настраданото население од поплавите.

За обезбедената и дистрибуирана хуманитарна помош, јавноста ќе биде навремено и соодветно информирана, велат од Црвениот крст на РМ.

Премиерот Никола Груевски и владини претставници доцна синоќа итно излегоа на терен во тетовско, а денеска беше одржана вонредна владина седница со цел изнаоѓање најбрзо и најдобро решение за справување со последиците кои ги предизвикаа вчерашните поплави.

Покрај во Тетово обилните врнежи поплавија објекти и предизвикаа материјална штета и во Прилеп.

 

 

Денешниот и утрешниот ден во Општина Тетово се прогласени за денови на жалост.