Црвен крст ќе дели вода и ќе мери притисок во случај на топлотен бран

Патролирање на мобилни екипи составени од лекар или парамедик низ Скопје, дистрибуирање на вода, флаери со совети, мерење на притисок на граѓани кои ќе се пожалат на тегоби, а за потешки случаи ќе биде обезбеден и транспорт, се дел од активностите на Црвениот крст на Скопје кои се планираат во случај на топлотен бран.

Како што информираат од Црвениот крст, за активностите ќе бидат ангажирани 40 волонтери од Тимот за одговор при катастрофи, 10 волонтери од тимот за спасување на планина и пет возила од кои три ќе патролираат низ градот, а две на Водно и Матка.

На телефонскиот број 32 21 902 кој функционира од 16 јуни од 10 до 18 часот, дежурни волонтери даваат совети и корисни информации поврзани за превенција од евентуални несакани последици по здравјето.