Црвениот крст се вклучува во одбележувањето на 13 ноември

Во пресрет на  13 ноември, кога нашиот град одбележува 70 години од ослободувањето, Црвениот крст на град Скопје традиционално се вклучува во одбележувањето на денот преку организирање на два настани.

Првиот ќе се случува на 12 ноември со почеток во 13:00 часот и претставува показна вежба, симулација на спасување од автобус на дваесетина повредени лица. Шеесет волонтери од Тимот за одговор при катастрофи на Црвен крст на град Скопје, познавачи на Првата помош  ќе бидат дел од овој настан кој ќе се случува на Рекорд. Преку овој настан ќе се обидеме да ја доближиме Првата помош до граѓаните и уште еднаш да ја потенцираме важноста на истата.

Вториот настан е традиционалната крводарителската акција. Истата ќе се реализира на 13 ноември, во просториите на Дневниот центар за дарување крв на Црвен крст на град Скопје во ДХО Даре Џамбаз во периодот од 9:00-17:00 часот. Во склоп на самата акција, со почеток во 11:00 часот, Црвен крст на град Скопје ќе додели награди и признанија за најуспешни крводарители, фирми/компании, образовни институции кои дале најголем придонес во промоција и унапредување на крводарителството на територија на град Скопје.