Црвениот телефон на Телма се спушта само пред камери

Црвениот телефон на Телма се спушта само пред камери. Со цел да се промовира себе во неутрален, професионален и доверлив медиум телевизијата Телма неодамна стартуваше инвентивна кампања. Во кампањата на почетокот на март, Телма го искористи фамозниот црвен телефон со што сакаше да ја презентира сликата дека уредничкиот тим на телевизијата е независен и не одговара на нарачките за вести и прилози.

Кампањата помина, а Телма почна поинтензивно да „дознава“. Пред камерите телефонот се спушташе, но каналите што да се дознае и кога и како да се пласира, продолжија да функционираат.

Само во последниве две недели Телма беше внесена во два скандали поврзани со бројни деманти.

Меѓу овие скандали беше и оној од пред два дена, кога телевизијата „дозна“ дека претседателот на ЕК Жан Клод Јункер, во последен момент во знак на револт одлучил да го покани претседателот Ѓорге Иванов, а не премиерот Никола Груевски.

Веднаш потоа следеше најостар демант од Владата, а Телма одби да ги објави демантите. Остана на граѓаните да одлучат дали ќе веруваат на сопствените очи и срдечните поздрави на Јункер со Груевски или на изворите кои ексклузивно на Телма и помагаат да дознава.

Неколку дена претходно, Телма ексклузивно дознаваше детали и за куртоазните средби на Заев. Почнаа да пристигнуваат деманти и околу тоа со кого се среќавал Зоран Заев и околу тоа за што било разговарано.

Несфатливо за еден професионален медиум е да не изреагира до соговорникот и да не изрази негодување зошто нивниот простор бил злоупотребен за ширење на лаги и манипулации. По се изгледа нивниот црвен телефон се спушта само пред камери.