Црвенковски: Ниту барам, ниту прифаќам помилување

Поранешниот претседател на Република Македонија Бранко Црвенковски упати писмо до актуелниот претседател на државата Ѓорге Иванов во кое бара итно да ја измени одлуката за прекинување на постапките против сите политичари поврзани со незаконското следење на комуникациите, а во која се споменува и неговото име.

Тој ја оценува одлуката на Иванов објавена во вчерашниот број на Службен весник на РМ, како антидемократска, антиправна и антидржавна одлука, која по содржината и по својата намера, вели, е срамна и спротивна на здравиот разум.

– Иако од ваша страна неможе ништо да ме изненади, сепак бев вчудоневиден кога таму го видов моето име и презиме. Ниту има каква било основа за такво нешто (против мене не се води каква било постапка) но што е уште поважно ниту од вас ниту од кој било друг  ниту барам, ниту прифаќам какво било помилување. Оттука ве повикувам под итно да ја измените одлуката и да го избришете моето име и презиме од неа, стои во писмото.

– Со  вас и со тие зад вас, да зависеа работите од мене ниту нешто ќе се преговараше, ниту нешто од вас ќе се очекуваше. Одамна ќе се видевме на различни страни од барикадите на клучната средба на нашиот народ со својата судбина, се додава во писмото.

Црвенковски, воедно изразува надеж дека и сите останати чии имиња се споменати во оваа, како што вели, скандалозна одлука на Иванов, со индигнација ќе ја одбијат неговата „милост“ и оти ќе покажат трошка морал и достоинство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.