Црвенковски се огласи за неговиот двегодишен молк

Поранешниот претседател на Македонија, Бранко Црвенковски, испрати писмено обраќање до јавноста, во кое дава објаснување за неговата одлука да се повлече од јавниот живот, по негвото повлекување од лидерската позиција на СДСМ.

Тој ги отфрли сите шпекулации што беа посочувани како причина за тој потег, од тоа дека бил тешко болен, па изложен на уцени и закани, повредена суета…

„Не сакав на било каков начин да и дадам можност на власта да ја продолжи повеќегодишната, примитивна и црна кампања поврзана со мене и против новото раководство на СДСМ. Новоизбраното раководство на СДСМ се определи за програмски и кадровски дисконтинуитет. Дали тоа беше паметно или не покажа и ќе покаже времето. Но тоа беше легитимна одлука на новото лидерство и заслужуваше фер шанса и доволен временски период за реализација на новиот концепт. Како лидер на СДСМ, а посебно после настаните од „црниот понеделник“ на 24ти декември 2012 година се залагав за целосно делегитимирање на власта, за активен и континуиран „отпор“, за перманентни протестни собири и маршови, за разни облици на граѓанска непослушност и за бојкот на локалните избори. За таквите мои намери бев жестоко напаѓан и обвинуван од страна на власта што беше сосема разбирливо и очекувано. Но она што беше неочекувано беа критиките и оспорувањата кои доаѓаа од одредени опозициски кругови дека тој концепт е погрешен, па дури и резултат на некои мои лични мотиви за задржување на лидерската позиција во партијата. Се заговараше „конструктивен политички дијалог“ со власта, битка преку институциите на системот, учество на изборите… Сфатив дека во тој момент моите аргументи не се доволни да обезбедам единство на опозиционата сцена и дека само времето ќе ја потврди или демантира исправноста на овој мој пристап и концепт. Поминаа две години. Се надевам дека денес работите им се многу појасни на сите“, вели Црвенковски за причините за неговиот двегодишен молк.

Тој во писмото, ги повтори ставовите на опозицијата дека со државава „владее еден тоталитарен, криминоген и корумпиран режим за кој не постои ниту устав ниту закон“. А, на Зоран заев му честита на храброста, давајќи му поддршка за објавувањето на т.н. „бомби“.

Тој на крајот повикува на масовни протести (за кои целосно се става на располагање) кои би ја урнале моменталната власт, како и на обединвање на опозицијата.

„Оваа историска македонска драма ќе мора да заврши на избори, но во психолошка смисла победникот на тие избори треба да биде познат уште пред нивното распишување. И тоа никако не смее да биде Груевски!“, се вели во неговото писмо до јавноста.