Цуцуловски: Дали живееме во држава или парадржава?

Законот за јазиците предложен од СДСМ создава правен хаос. Експертите кои се обидуваат да го оправдаат истиот запаѓаат во циркузијада, додека целата ситуација наликува на правна мизерија и хаос.

Ова е накусо сижето на фејсбук статусот на професорот Љубомир Цуцуловски, кој коментирајќи ја вчерашната дебата на Телма, меѓу професорката Гордана Силјановска и поранешната судијка во ЕСЧП Маргарита Цаца Николовска и коментирајќи го ставот на Николовска дека не можело да се предложуваат амандмани во оваа фаза на законот, напиша:

„Ако е така, тогаш која е смислата Претседателот да има право да не го потпише Законот, како и да даде свое мислење/забелешки за некои негови делови, ако не е можно накнадно поднесување амандмани?“

Во продолжение целосниот ФБ статус на професорот Цуцуловски:

ПРАВНА МИЗЕРИЈА И ХАОС. Следејќи ја емисијата „Топ тема“ на Телевизија Телма, човек се прашува, или барем јас се прашувам, дали живееме во држава или во нешто што е налик на држава, но кое не е држава, туку е парадржава. Учесници во емисијата беа професорката д-р Гордана Силјановска и судијката Маргарита Цаца Николовска. Тема на емисијата е дали во сегашнава фаза на носење на Законот за употреба на јазиците може да се поднесуваат амандмани. Ставот на Цаца Николовска е дека таква можност не постои, макар што Предсеталот на Државата не го потпишал Законот и сеедно што имал конкретни забелешки. Ако е така, тогаш која е смислата Претседателот да има право да не го потпише Законот, како и да даде свое мислење/забелешки за некои негови делови, ако не е можно накнадно поднесување амандмани? Во нормална, вистинска држава, претходната дилема природно е да се постави. Меѓутоа, во држава, составена од крпеници, дилемата е одвишна. Оттука, во емисијата можеше да се чуе сешто. Се приложуваа веќе подготвени прилози, кои би требале да покажат како слични ситуации се решаваат во други држави (Бугарија, Србија…), изумувајќи дека не се расправа како тоа се решва во други држави, туку како треба да се постапи во конкретниов случај и тоа според м а к е д о н с к и о т Устав и закони.

Целиот правен хаос, целата беда и циркусијада најдобро ги илустрира мислењето на една млада универзитетска професорка (од пред неколку дена), според која добро е што Законот ќе се применувал на целата територија, бидејќи, во противниот случај, би дошло до јазичка гетоизација, па полесно би можело да дојде до одвојување на дел од Република Македонија, отколку кога двојазичноста би била применета на целата државна територија. Слушам и не можам да поверувам до каде сѐ може да отиде човечката глупост (завиткана во „демократска“ обланда) во оправдувањето на одредни закони. Пари и бенефиции ли се во прашање, глупост ли е во прашање или нивна комбинација, веќе не е битно. Битно е дека ова се случува.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.