Цуцуловски: Случаен или намерен привид на Заев на штета на македонското етничко малцинство во Бугарија

Во договорот со Бугарија, Заев се обидува да понуди, всушност никакво решение за припадниците на македонското етничко малцинство кои се бугарски државјани, и прави случаен или намерен превид во поглед на заштитата на Македоците во соседната земја од страна на Република Македонија, пишува професорот Љубомир Цуцуловски во својот осврт на нацрт-договорот за добрососедство под заглавието „СÈ Е ДОБРО, САМО ШТО…, објавен на неговиотфејсбук профил.

Договорот за добрососедски односи меѓу двете држави е безпредметен, односно одвишен, бидејќи односите меѓу двете земји и досега беа добри: немаше натрупсни тенкови и војска на границите; протокот на луѓе и стока беше слободен, културната размена добра; туристичката посета добра, пишува Цуцуловски

Единственото нешто кое навистина не беше добро, кое и сега не е добро, и кое, најверојатно, и натаму нема да биде добро – е бугарското негирање на македонскиот јазик, на македонскиот народ, како и постоењето на македонското етничко малцинство во Република Бугарија.

Меѓутоа, ова прашање воопшто не е спомнато, уште помалку регулирано во Договорот. Дури повеќе, со него ова прашање дефинитивно се брише, односно се трга настрана. Во член 11 (став 5) дословно пишува „Република Македонија потврдува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица, кои не се државјани на Република Македонија“.

Она што веднаш може да се забележи е дека формулацијата „лица, кои не се државјани на Република Македонија“ се однесува на македонското етничко малцинство во Бугарија, бидејќи неговите припадници навистина не се државјани на Република Македонија, од една страна и, од друга, зошто РМ би се мешала за правата на турското, ромското или било кое друго малцинство во Бугарија. Барем ова е сосема јасно.

Јасно е, исто така, дека во Договорот отсуствува реципроцитет. Односно, никаде во него не постои член (или став) во кој децидно би се определило дека Бугарија на никаков начин нема да се меша во внатрешните работи на Република Македонија во остварувањата/заштитата на правата на лица кои не се државјани на Република Бугарија. Со отсуството на ваков член (или став) посредно се произаива: А) дека во РМ постои бугарско етничко малцинство и Б) на Бугарија ѝ се дозволува да се грижи за тоа малцинство или „малцинство“, кое, ако го има, навистина е невидено малцинство.

Обидот на Заев да го исправи стутканото (никаквото) решение, повикувајќи се на член 11 (став 4), во кој пишува „Секоја од Договорните страни има право да ги заштитува правата и интересите на своите д р ж а в ј а н и, на територијата на другата Договорна страна, во согласност со меѓународното право“ е промашено, бидејќи со овој став се регулира грижата за граѓаните на РМ, кои се нашле на територијата на Бугарија, меѓутоа не и на припадниците на македонското етничко малцинство, кои се бугарски, а не македонски граѓани/државјани. Дали е ова случаен или намерен превид, е сеедно. Важно е дека е евидентно постоење на овој превид. Тоа значи дека со Договорот РМ целосно се откажува за каква било грижа на македонското етничко макцинство во Бугарија.

Што се однесува до подобрувањето на добрососедските односи, уште еднаш повторувам, дека тие беа и сè уште се добри. Она што не беше доволно развиено, или беше запоставено/заборавено (изградбата на пругата, на автопат и сл.) можеше (и може!) да се реши помеѓу соодветните министерства на двете држави, а не да се регулира на вака високо ниво. Ова се само некои мои, лични забалешки за безпредметноста/одвишноста на овој Договор. Инаку, сè е добро, само што…

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.