Цукерберг одолеа на притисоците од сенаторите да се обврзе на регулација

Извршниот директот на компанијата „Facebook Inc.“ сопственик на најголемата социјална мрежа, Марк Цукерберг, во вторникот се појави на првото од двете сослушувања во американскиот Конгрес и не даде никакви дополнителни ветувања дека ќе го поддржи новиот закон или ќе го промени начинот на кој оваа социјална мрежа работи.

Во текот на речиси петчасовното испитувањето од страна на 44 американски сенатори, Цукерберг ги повтори извинувањата коишто веќе ги даде за низата проблеми со коишто се соочува Facebook, од недоволната заштита до наводните руски агенти кои ја користеле мрежата за да влијаат врз американските избори. Меѓутоа, 33-годишниот интернетски могул успеа да избегне какво и да е конкретно ветување дека ќе ја поддржи регулацијата на Конгресот на најголемата социјална мрежа во светот и другите американски интернетски компании.

„Мојот тим и натаму ќе соработува со вас за да разговараме за разните категории каде што мислам дека овој разговор треба да се случи“, изјави Цукерберг на заедничкото сослушување на сенатските комитети за трговија и правосудство запрашан за неговото мислење каква регулатива е потребна.

Неговиот настап остави силен впечаток кај инвеститорите. Акциите на Facebook го постигнаа својот најголем раст во речиси две години, завршувајќи го вторничното тргување со добивка од 4,5 отсто.

Акциите остро паднаа во март кога беше обелоденето дека политичката консултантска компанија „Cambridge Analytica“, чиј клиент меѓу другите бил и актуелниот американски претседател Доналд Трамп, од Facebook собирала десетици милиони лични информации за корисниците. Последните процени се дека со тоа биле погодени 87 милиони корисници на мрежата. Ова откритие го доведе Facebook во криза на довербата меѓу корисниците, огласувачите, вработените и вложувачите, коишто веќе имаа проблеми со реакцијата на мрежата на лажните вести и нејзината улога во американските избори 2016 година.

Во темен костум наместо вообичаените маички и патики, Цукерберг главно остана ладнокрвен и сериозен додека сенаторите го испрашуваа. Сепак, на прашањето дали Facebook е монопол тој рече „Јас навистина не мислам така“. Се насмевна додека публиката се смееше.

Од Facebook во септември изјавија дека наводно Руси под лажи имиња ја користеле социјалната мрежа за да се обидат да влијаат врз американските гласачи со месеци пред изборите во 2016 година пишувајќи за горливи теми, организирајќи настани и купувајќи огласи.

„Мислиме дека е сосема можно дека тука ќе има поврзаност“, изјави Цукерберг запрашан дали постои совпаѓање меѓу собраните податоци на корисниците што го правела „Cambridge Analytica“ и политичката пропаганда коајшто ја вршела наводно Интернетската истражувачка агенција наводно поврзана со Кремљ во текот на американската претседателска кампања во 2016 година, за којаштo од Facebook наведуваат дека ја виделе околу 126 милиони луѓе.

Цукерберг пред сенаторите кажа дека смета оти во случајот на „Cambridge Analytica“ не станува збор за прекршок. Сепак, призна дека Facebook не ја известил Федералната комисија за трговија во 2015 година кога првпат дознале дека споменатата британска компанија собира податоци.

Во петокот Цукерберг го поддржа предложениот закон, познат како „закон за чесни огласи“, кој ќе бара социјалните медиуми да го објават идентитетот на купувачите на интернет огласите во политичките кампањи. Во вторникот, меѓутоа, не сакаше натаму да зборува во полза на овој закон. Одговарајќи на прашањето на демократскиот сенатор Том Адал дали ќе биде силен поборник на овој закон за да биде усвоен, тој рече: „Сенаторе, мислам дека најголемата работа којашто можеме да ја сториме е да го спроведеме“. Додаде дека Facebook веќе планирал доброволно да се придржува до него.

Цукерберг во средата ќе биде сослушан и од комитетот за енергетика и трговија во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес.