Цуклев: Даночната политика што ја спроведува оваа држава е неселективна и важи за сите граѓани и стопански субјекти

Во Собранието на Република Македонија во матичното работно тело веќе четврти ден пратениците дебатираат на општата расправа за Предлог – Буџетот за 2016 година.

Имено, во денешната дебата за Буџетот на комисиската расправа се приклучи и пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Драган Цуклев кој напомена дека ќе говори само за она што е планирано и на што се базираат претпоставките за Буџетот за 2016 година, но како што рече тој, ќе се задржи и на главните критики изнесени од опозицијата во изминатите три дена.

На почетокот од своето обраќање пратеникот Драган Цуклев истакна дека Буџетот за 2016 година во однос на Буџетот за 2015 година е зголемен за 6%, а дефицитот е позициониран на 2%.

Ваквото намалување на буџетскиот дефицит во 2016 година значи постепено консолидирање на буџетскиот дефицит и негово врамување во рамките на мастришките критериуми под 3% што е и планирано, истакна Цуклев.

Пратеникот Драган Цуклев се осврна и на предвидениот економски раст на Република Македонија.

Би споменал дека растот на Европската Унија се планира за 2,1%, а во еврозоната за 1,9% економски раст, а Германија како најважен надворешно-трговски партнер на Македонија планира раст од 1,9%. Додека пак растот на македонската економија е позициониран на 4% и е близу до предвидувањата на ММФ и Светска Банка кои исто така предвидуваат раст на македонската економија од 3,8%, рече пратеникот Цуклев.

Во таа насока, тој се задржа на обвинувањата на опозицијата дека Буџетот е мегаломански буџет, кој ако се спореди со Буџетот во 2005 година кој тогаш изнесувал 1 милијарда и 646 милиони евра, тогаш навистина е мегаломански, меѓутоа како што истакна Цуклев, овие бројки не смее да се гледаат изолирано поради тоа што треба да се гледа големината на  приходната и расходната страна и да се направи споредба со бруто домашниот производ. Според него, само така ќе се направи релативен показател на соодносот на Буџетот со новосоздадената вредсност во текот на една фискална година.

За да имаме вистинска претстава за зафаќањето на реалниот сектор со Буџетот односно со приходната страна мораме да направи споредба како е денес зафаќањето на реалниот сектор со Буџетот а какво било кога оваа држава ја предводела влада од СДСМ. Еве на пример во 2014 и 2015 година имаме 30,2% зафаќање на реалниот сектор со Буџетот додека во 2005 година имавме 32,7% зафаќање на реалниот сектор. Значи она што опозицијата во изминативе три дена го збори не станува збор за никаков мегаломански буџет, не станува збор за никакво претерано оптеретување на граѓаните и реалниот сектор со овој Буџет односно со даночната политика што се води, потенцираше Драга Цуклев.

Тој исто така посочи и објасни како и зошто оваа држава во изминатите неколку години со пониски даноци  успева да ги остварува овие буџетски приходи.

Една од причините лежи во зголемувањето на новосоздадената вредност односно во растот на бруто домашниот производ и другата причина лежи во стопирање на сивата економија. Значи даночната политика која што ја спроведуваа оваа држава е неселективна и важи за сите стопански субјекти и за сите граѓани на оваа држава, продолжи пратеникот Цуклев.

На крајот тој се осврна и на висината на средствата за капиталните инвестиции кои се реализираа во Република Македонија во изминативе години и имаа влијание врз одржување на македонската економија во услови на криза.

За среќа сиве овие години Република Македонија имаше високи стапки на капитални инвестиции, што финансирани од Буџетот, што финансирани преку државните јавни претпријатија, дали за патишта, дали за железничка инфраструктура и многу други области и како резултат на тоа имавме високи стапки на раст на градежништвото вклучително и на сите оние 25 други индустриски гранки кои што го опслужуваат истото“, заврши пратеникот Драган Цуклев.