Цветков го закрои лозјето во Кавадарци

Со закројување на лозјето винарската визба Тиквеш ја продолжи традицијата која трае 130 години. Чинот на закројување во чест на Св. Трифун, заштитникот на лозарите го извршија министерот за земјоделство, Михаил Цветков, претседателот на Управниот одбор, Светозар Јаневски и Генералниот директор, Игор Илиевски.

lozje_tikveshhh (3)

„Закројувањето на лозјето е многу повеќе од традиција. Тоа ја покажува посветеноста и желбата на лозарите и винарите да произведат квалитетно грозје и врвни вина. МЗШВ и во иднина ќе продолжи интензивно да ги поддржува во тоа, со цел македонската винска индустрија да може да го искористи својот голем потенцијал со што треба да се обезбеди поголем пробив на македонското висококвалитетно вино на светските пазари“, изјави Цветков.

Тој посочи дека Македонија располага со 30.000 хектари лозови насади и оти вината што се произведуваат во земјава се едни од најквалитетните во светот. Според него, до крајот на март годинава се очекува да биде исполнета и квотата од 39 милиони литри за наливно вино.

Министерот Цветков и претставниците на Тиквеш посакуваат, како што рекоа, добра лозарска година, да не се повторат ланските непогоди кои го преполовија родот.

lozje_tikveshhh (2)Повеќе од една деценија Тиквеш интензивно работи на реализацијата и стратегијата која го фаворизира квалитетот наспроти квантитетот во производството на вино. Во реализацијата на ваквата стратегија досега се инвестирани над 30 милиони евра.

– Минатата година откупивме 20 илјади тони грозје што е вкупно 4,5 милиони евра. До крајот на јануари годинава исплативме 54 проценти. Ги запазуваме  динамиката и распоредот на договореното со кооперантите, потенцира генералниот директор на „Тиквеш“, Игор Илиевски.

Годинава „Тиквеш“ прославува 130 години постоење. Приоритет останува, подвлече Илиевски, производството на квалитетно грозје и вино, како и промоција на македонската винска индустрија во светски рамки.