Цветков ќе ги посети поплавените општини во пелагониско

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков вечерва ќе ги посети поплавените општини Могила и Новаци.

Како што јавува МИА, реката Црна се излева во атарите на три села од општина Могила, а опасност од излевање има и во неколку села на општина Новаци.

– Ситуацијата е најлоша кај селата Вашарејца, Новоселани и Ношпал каде има целосна мобилизација на надлежните служби и локалното население. Претпладнево забрзано се зголеми нивото на реката Црна и достигна до 4,70 метри и, за жал, нема знаци за намалување. Тоа придонесе дополнително да се мобилизираме за водата да не навлезе во куќите. Иако имаме механизација, таа не може да се доближи до коритото и затоа поставуваме вреќи и дополнителна заштита за што голема помош имаме од локалното население, истакна Димче Јошевски, раководител на Регионалната дирекција за заштита и спасување.

Од регионалното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување потврдија дека во општина Новаци ситуацијата е под контрола, но опасноста од проширувањето на поплавите и натаму демнее.