Цветков: Рано е да се зборува за неправилности при откупот на тутунот

Се уште е рано да се зборува за какви било неправилности при откупот на тутунот со оглед дека сезоната сега почна, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.

Одговорајќи на новинарско прашање пред почетокот на Агро бизнис форумот што го организира ПроКредит банка, Цветков потенцира дека секој земјоделец што цени дека за неговиот тутун му се дава пониска цена од реалната, може да пријави до инспекторатот кој веднаш ќе излезе на терен и комисиски ќе утврди дали е тоа навистина така или не.

– Да оставиме малку време, барем десетина дена да тече откупот. Потоа ќе ги сумираме резултатите. Сега е почеток на откупната сезона, не знам како се најавуваат штрајкови кога сезоната само што почна, истакна министерот.

Според него, двете страни, производителите и откупувачите, никогаш не може да бидат задоволни – оној што купува мисли дека му е скапо, а оној што продава дека му е евтино. Реалноста е некаде на средина.

– Вчера во Прилеп на лице место се уверив дека откупот се одвива нормално. Сепак, беше упатена замолница, проценката да биде што пообјективна. Разговарав и со производителите кои не се задоволни од цената. Се изрази сомневање дека инструментите на одредени откупни компании за мерење на влагата не се точни поради што договоривме да се направи комисија која ќе ги избаждари, потсети министерот.

Од почетокот на годинашниот откуп на тутунот, заклучно со вчера се преземени околу 200.000 килограми тутун. Просечната цена е 122 денара за килограм.