Цветков во посета на Русија, се отвора ли пазарот за македонските земјоделски производи?

Министерот за земјоделие Михаил Цветков е во посета на Русија, а од министерството за земјоделие за Нетпрес потврдуваат дека целта на посетата е отворање на рускиот пазар за пласирање на македонските земјоделски производи.

Сега е погоден момент македонските компании да ја искористат кризата со недостаток на храна во Русија и да ги пласираат своите производи, бидејќи рускиот пазар во моментов има огромна побарувачка за прехранбени производи. Тоа е како резултат на ситуацијата што на 7 август годинава Русија возврати со блокирање на увозот од Европската унија, САД, Канада, Норвешка и Австралија, откако овие воведоа санкции.

На рускиот пазар може да се понуди овошје, зеленчук, конзервни и кондиторски производи, вино и лекови. Неодамна и Стопанската комора на Македонија апелираше дека македонските компании треба да ја искористат ситуацијата.За свежо овошје и зеленчук веќе има договори кои се реализираат на терен.

„Санкциите се во сила неполн месец, интересот од руските компании е зголемен и во овој момент најважните за нас параметри што има доста побарување на свежо овошје и зеленчук, а пред се сега е актуелно грозјето и праската коишто се извезуваат многу повеќе од вообичаеното,“ изјави неодамна  Дејан Бешелиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора

Но, за да се интензивира економската соработка треба да се забрза и постапката за слободна трговија.. Досега од македонска страна повеќепати е побарано потпишување на договор за слободна трговија, но  руската страна досега не одговорила позитивно.

„Имено, за постигнување на таков договор тие упатуваат дека е потребно Република Македонија да се обрати до Секретаријатот за трговија при Евроазиската царинска унија, кој го сочинуваат претставници на Русија, Белорусија и Казахстан,“ објасни Бешлиев на неодамнешниот прес во Стопанската комора.

Македонско-руската трговска размена минатата година достигна 195 милиони американски долари, со извоз од Македонија од 31,5 милиони долари, а увоз од Русија од 136,6 милиони долари. Во земјоделско прехранбениот сектор извозот е 9,6 милиони од кои половината отпаѓа на овошје со износ од 4,8 милиони долари, по кое следат грозјето со 1,8 милиони долари, виното со 1,4 милиони и зеленчукот со 1,2 милиони долари. Генерално, во целокупниот извоз доминираат лековите со 10,5 милиони долари, потоа производи од машинската индустрија 7,3 милиони долари.