Македонија

Цветков: Воведување неделна откупна цена на доматите

Цветков: Воведување неделна откупна цена на доматите

Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков на вчерашната средба со струмичките градинари предложил законски измени со кои што ќе се овозможи воведување т.н. неделни откупни цени на доматите. На овој начин, со помош на законските измени ќе се спречат манипулациите на трговците.

Како што соопшти МЗШВ, Цветков информирал и дека ќе биде разгледан предлогот за субвенционирање на предаден домат во период кога има ниска откупна цена.

Воедно предочил дека Македонија како членка на ЦЕФТА и на други меѓународни организации не може да воведе забрана за увоз на домати од Албанија, Турција и Грција без да има последици и санкции врз вкупната трговска размена со овие земји.

Производителите добија уверување дека властите ќе направат подетални анализи за состојбата. Ресорниот министер и на Државниот инспекторат за земјоделство Цветан Трифуновски ги уверија земјоделците дека ќе испратат информација до Владата за барањето за ослободување од плаќање даноци, односно оданочување само на добивката, но не и на обртните средства, стои во соопштението од Министерството за земјоделство.

Според МЗШВ, земјоделците најмногу се пожалиле на манипулациите на трговците кои дневно ја намалуваат цената на доматите и другите градинарски производи поради што Цветков сугерирал измена на Законот за земјоделство и рурален развој, по скратена постапка, и воведување неделни откупни цени со што ќе се стесни просторот за секојдневно нарушување на пазарот.

На средбата со земјоделците од село Куклиш кои во вторникот го блокираа градот поради состојбата со откупот на раноградинарските производи, Трифуновски нагласил дека покрај засилените и ненајавени контроли и на граничните премини и на внатрешниот пазар, Инспекторатот во секој момент им стои на располагање за контрола на секоја неправилност и преку бесплатниот телефонска линија 0800 11 000.

Идната недела во Министерството за земјоделство ќе се одржи заеднички состанок со поголемите производители на земјоделски производи, откупувачи и преработувачи на зеленчук на кој ќе се разговара за сите прашања, а пред се за навремено потпишување договори за откуп со дефинирани цени по класи и производи.