Д Фестивал – Централен настан во рамки на „Дојран град на културата“

Годинава Д Фестивал ќе се одржува по шести пат на брегот на Дојранското Езеро. Единствениот open-air музички фестивал во Македонија го најави своето шесто издание кое ќе се одржува годинава од 15 до 17 јули во Дојран, а за своите најверни посетители организира и посебна продажна акција на т.н. earlybird влезници по најповолните цени!

Стамов: Централен настан ќе биде Д Фестивал

Ова е централниот од стотината културни настани што годинава ќе се реализираат во рамки на манифестацијата „Град на културата“.

Стамов: Централен настан ќе биде Д Фестивал
Стамов: Централен настан ќе биде Д Фестивал

 

Културниот туризам е мошне значаен за Дојран. Она што минатата година го спроведувавме, а и неколку години наназад се покажа како вистинско и нешто што привлекува гости и нешто што им го исполнува времето на посетителите во Дојран. Впрочем минатата година Д фестивал би го земал за пример покажа дека културниот туризам може и тоа како да биде настан кој привлекува голем број на туристи во било кое место, меѓутоа еве во Дојран значителна бројка пред се млади луѓе дојдоа. Тоа искуство го преземавме и годинава подготвивме една богата програма.,, рече Борче Стамов, градоначалник на општина Дојран, на отварањето на манифестацијата „Град на културата“ што се одржа на 19-ти март годинава.

Манифестацијата „Град на културата“ чиј што покровител е министерството за култура на Република Македонија се организира 13 години по ред. Дојран оваа титула ја презеде од Велес, а ја доби во конкуренција со уште неколку градови.

Во однос на годинешната организација на Д Фестивал, Стамов во изјава за Нетпрес вели:

Дојран годинава како град на културата ќе биде место на над стотина настани, но сепак централен настан ќе биде Д Фестивал. За годинава очекуваме иста посетеност како и минатата година, но очекуваме да бидеме поподготвени и поорганизирани. Ги знаеме слабостите и забелешките од минатата година и работиме на подобрување.

Посебна продажна акција на ограничен број фестивалски влезници

Единствениот open-air музички фестивал во Македонија го најави своето шесто издание кое ќе се одржува годинава од 15 до 17 јули во Дојран, а за своите најверни посетители организира и посебна продажна акција на т.н. earlybird влезници по најповолните цени! Во рамки на оваа продажна акција ќе бидат достапни строго ограничен број фестивалски влезници за Д ФЕСТИВАЛ 2016.

d-festival-1

Продажбата на earlybird влезниците започнува во среда (13. април), а ќе се спроведува преку продажната мрежа на МКтикетс, каде што најбрзите купувачи ќе можат да ги набават тридневните фестивалски влезници по цена од 600 денари или пакет влезниците кои вклучуваат фестивалска и камп влезница, по цена од 800 денари.

Имено, оваа продажна акција е наменета само за најбрзите 1.000 купувачи кои ќе имаат прилика да ги купат билетите со скоро 50% попуст, но и да го осигураат своето место во кампот на Д ФЕСТИВАЛ заштедувајќи речиси 70% од цената за камп влезниците.

Наскоро ќе бидат најавени годинешните учесници на фестивалот

Инаку, што се однесува до програмата на годинешното издание на фестивалот, од Пасворд Продукција најавуваат дека наскоро ќе бидат познати содржините и имињата на учесниците што ќе настапат.

Минатата година на фестивалот што воедно беше номиниран и за престижните Европски фестивалски награди, посетителите имаа можност да уживаат во настапот на повеќе од 30 изведувачи на три сцени, музичари и бендови како Ману Чао Ла Вентура, Кирил Џајковски со ТК Вондер, Фолтин, Бед Копи, Љубојна, Електрични оргазам, Фулиш Грин, ПМГ колектив, БЛА БЛА БЛА…