Д-р Роберт Величковски: Квалитетот на здравствените услуги е наш фокус

Организацискиот директор на Универзитетска клиника за психијатрија Скопје, д-р Роберт Величковски, во интервју за „Нетпрес“ зборува за предизвиците при унапредување на квалитетот на здравствените услуги. Тој најави дека постојат заложби следниот период на Клиниката  да се воведат две нови специфични методи – неурофидбек (neurofeedback) метода и метода со светлосна терапија.

Визијата за Клиниката за психијатрија е таа да прерасне во референтен центар за ментално здравје, национален и регионален лидер во давање на здравствени услуги на пациенти со психички заболувања. „Нашите натамошни заложби ќе бидат и во насока на континуирано унапредување на знаењата и вештините на персоналот кои ќе ги следат и применуваат светските трендови од областа на менталното здравје“, вели
д-р  Величковски.

Од септември на Клиниката за психијатрија се воведуваат дополнителни термини во втора смена, со нови 216 термини месечно.

Што за вас, како организациски директор и како доктор на науки по јавно здравство и магистер по здравствена политика, економија и здравствен менаџмент, претставува менаџирање на една установа?

Менаџментот како современ, универзален процес бара правилно и максимално да се применат овластувањата и одговорностите што му се дадени на менаџерот со самата функција, особено правилно насочување и мотивирање на вработените со цел добивање на високо квалитетни и ефективни резултати. Без разлика дали на менаџментот ќе гледаме како на наука, професија или умешност, тоа е непрекинат процес кој е во постојано движење, менување и унапредување. Во здравствената заштита, управувањето има свои особености кои произлегуваат од карактерот на здравствената и медицинската дејност, но и од опфатот и положбата на таа дејност во општеството.

Да се планира, управува, води, контролира, или со еден збор да се менаџира значи да се oдлучува и да се имплементира. Да се биде со отворен ум и одлучен во различни состојби, особено ако се земат во предвид спецификите на здравствените установи.

Кој е Вашиот фокус на внимание во Клиниката?

Главниот фокус, личен и на тимот соработници од Клиниката секогаш се пациентите и  пружање квалитетни здравствени услуги, како и заштита на нивните права, за што континуирано ќе се стремиме и понатаму.

Значајна новина е што со цел да им излеземе во пресрет на пациентите од септември воведуваме дополнителни термини во втора смена, со нови 216 термини месечно.

Во изминатиот период од 6 месеци, намалено е  времето на чекање за закажување преглед, преку зголемување на бројот на термините, јавно објавени во системот МојТермин. На пример, во месец април 2016 година објавивме вкупно 1930 термини, за разлика од истиот месец во 2015 година, каде бројот на термините изнесуваше 1357, што е за 42,23% повеќе термини во споредба со минатата година. Реновиран е и амбулантскиот оддел, каде во месец март направивме дислокација на шалтерот и пуштивме во употреба уште една нова амбуланта.

Паралелно со овој процес, со цел подобри амбулантски услуги за пациентите, ја реновиравме чекалната и дел од амбулантите, а дополнително набавивме нова ИТ опрема што придонесе кон побрза електонска евиденција на пациентите.

Кои се другите новини  во  работата на ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија Скопје?

Oд март 2016 година, во рамките на редовниот сервис на Универзитетската клиника за психијатрија, користејќи го системот Мој Tермин и секако благодарение на високата стручност на персоналот oтворивме четири нови кабинети:

  1. Кабинет за депресија (со термини за закажување секој работен ден од 15:00 до 20:00 часот)
  2. Кабинет за пореметување на памтењето и деменција / Memory center (со термини за закажување секоја среда од 15:00 до 20:00 часот)
  3. Кабинет за невроразвојни нарушувања во детска возраст (термините за закажување се еднаш неделно, во различни денови)
  4. Кабинет  за психолошко  советување  и  психотерапија (со термини за закажување секој работен ден од 15:00 до 20:00 часот)

Унапредувањето и развојот на овие кабинети претставува еден од нашите главни приоритети во следниот период.

Moже ли да ни кажете која функција ја имаат овие кабинети?

Кабинет за невроразвојни нарушувања во детска возраст има за цел рано следење на детскиот предучилишен развој и откривања на отстапувањата во развојот, т.е. рано откривање растројства од аутистичкиот спектар и растројство на вниманието во хиперактивност (ADHD), како и други развојни нарушувања поврзани со емоционалниот, социјалниот и когнитивниот развој.

  • Кабинетот е формиран во рамки на Одделот за детска психијатрија. Кабинетот работи еднаш неделно со закажани пациенти во Мој Термин и работата ја покриваат двајца детски психијатри (доктори на наука), дефектолог (магистер на наука) и по потреба психолог.
  • Основната цел на Кабинетот за депресија е рано препознавање и адекватен третман на пациенти со депресија, но и приближување на сервисите за ментално здравје до корисниците, имајќи во предвид дека многу мал број депресивни пациенти во светот бараат стручна помош (околу 1/4 =25%) наспроти фактот дека депресијата успешно се лекува, со можност за целосно закрепнување, односно персонална, семејна и професионална рехабилитација и ресоцијализација. Дестигматизација на наведените состојби ќе го олесни пристапот до современ третман. Со тоа се проширува спектарот на услуги за пациентите, а воедно би биле прва установа која постудиозно би се занимавала со оваа патологија.

Во овој кабинет се врши навремена дијагностика и третман со современи методи (ТМС – транскранијална магнетна стимулација, психотерапија, медикаментозна терапија и сл.) на пациенти кои боледуваат од депресија.

  • Кабинет за деменција, како што кажува и самиот назив, има за цел рана дијагностика и соодветен третман на пациенти со деменција. Кабинетот за пореметување на памтењето и деменција работи со проблематиката на пореметување на меморијата и пад на когнитивните способности кај пациентите во нашата земја (статистиките укажуваат дека 10% од луѓето над 65 годишна возраст боледуваат од Алцхајмеровата болест).

Во работата на овој кабинет се ангажирани мултидисциплинарни тимови составени од психијатри и клинички психолози, кои работат на сеопфатна невропсихолошка проценка на состојбата на закажаните пациенти, како и на нивно понатамошно упатување за дополнителни невролошки, радиолошки, биохемиски и генетски испитувања, потребни за уточнување на природата на когнитивните нарушувања. Ваквиот кабинет, покрај тоа што би обезбедувал дијагностика и третман на споменатите состојби, би можело да послужи и за информирање и едукација на пациентите и семејствата за тоа како да се „носат” со болеста и со очекуваните проблеми на план на психосоцијалното функционирање на пациентите. Во активностите на кабинетот понатаму би можело да бидат вклучени и активности за подигнување на општата и професионалната свесност за значењето на раното препознавање и третман на Алцхајмеровата болест.

– Во Кабинетот за психолошко  советување  и  психотерапија се спроведува психолошко советување и психотераписки третман со примена на психотераписки техники и методи, како што се: трансакциска анализа и техники на релаксација, когнитивно бихевиорална терапија, интегративна терапија и советување кај пациенти со невротски растројства и растројства поврзани со стрес и системска и семејна психотерапија.

Значаен аспект од функционирањето на секоја здравствена установа е хоспиталната култура. Што преземате на ова поле?

Правилникот за хоспиталната култура претставува сублимат на етички норми и на упатства кои за првпат регулираат повеќе области во здравствени установи: работни униформи, финансиско работење, пренесување и чување информации и сл. Клиниката за психијатрија е насочена кон максимално имплементирање на хоспиталната култура во сите сегменти, особено во унапредување на односот кон пациентите, имајќи ги во предвид спецификите на здравствените проблеми на пациентите со различни психијатриски заболувања, поради кои тие се јавуваат на оваа Клиника.

Во изминатите 3 месеци го завршивме процесот на  целосно опремување со соодветни униформи за сите профили на вработени и нивна соодветна идентификација со пропишаните беџови.

Редовно се следи задоволството на пациентите од квалитетот на укажаните здравствени услуги, преку анкетни истражувања. Досегашните резултати покажаа 85% задоволство на пациенти од укажаните здравствени услуги во установата (севкупно – амбулантски и болнички). Со тоа се потврдува исклучително високата стручност на персоналот и нивниот професионален однос кон пациентите на Клиниката, а се разбира нашиот стремеж е задоволството на пациентите да биде уште поголемо.

1

Кои се новите предизвици во наредниот период?

Еден од главните предизвици секако е воспоставување подобра интерсекторска соработка со надлежните институции преку примена на холистички пристап што ќе придонесе кон унапредување на менталното здравје на пациентите.

Дополнително, наша заложба ќе биде зголемување и проширување на видот на здравствените услуги кои ги нуди Клиниката, водејќи се од светските искуства и медицина заснована на докази.

Имено, во наредниот период ќе се залагаме да воведеме уште две нови методи и тоа: неурофидбек (neurofeedback) метода и метода со светлосна терапија. И двете се специфични и се однесуваат на областа на ментално здравје за која функционира Клиниката.

Neurofeedback методата, или уште позната како невротерапија претставува вид на биофидбек кој се користи во реално време за прикажување на мозочната активност-најчесто со помош на електроенцефалограф (ЕЕГ), со што се анализира саморегулирањето на функцијата на мозокот, особено кај депресивните пациенти.

Оваа метода се покажува ефикасна во модифицирање на мозочната функција и може да доведе до значително подобрување на клиничките симптоми кај АДД/АДХД (растројства на внимание и хиперактивност), одредени анксиозни и депресивни состојби.

Клиниката располага со апаратот, а во април 2016 година во соработка со Министерство за здравство двајца специјалисти од клиниката се пратени на едукација во Хрватска за примена на оваа метода.

За разлика од првата метода, методата со светлосна терапија (light therapy) претставува ефикасна терапија за сезонска депресија, чиј третман е компатибилен со фармаколошки интервенции. Клиниката веќе има обучен кадар за работа со оваа метода (двајца лекари-специјалисти) и во план е набавка на соодветната опрема.

Со цел доследно спроведување на одредбите од Законот за здравствената заштита во наредниот период клиниката ќе работи фокусирано на воспоставување поинтегриран систем за материјално и финансиско работење со цел обезбедување подобра следливост на целокупниот медицински потрошен материјал, медицински помагала, лекови и сите останати материјали кои ги набавува Клиниката за лекување на пациентите и негово поврзување со Централниот систем за материјално-финансиско и сметководствено работење согласно одредбите од Законот. За таа цел се изврши инсталирање на софтверот во сите помошни депоа по оддели на клиниката (т.н. магацини), се спроведе обука на персоналот за работа со софтверот, мапирање на целокупниот медицински потрошен материјал и нивно шифрирање со цел универзално следење.

Освен тоа, благодарение на стручноста, знаењето и вештините на персоналот со кој располага Клиниката, установата ќе продолжи да ги извршува дејностите од научно-истражувачката работа и учествува во образованието на кадри од областа на психијатрија и други сродни гранки од медицината.

Процесот на акредитација на установата е друг важен приоритет на кој ќе бидеме фокусирани во наредниот период, со цел имплементација на стандарди и подобрување на квалитетот на здравствената заштита на нашите пациенти. Во таа насока, беа формирани 7 тима за подготовка на протоколи за работа, кои во изминатите неколку месеци ја интензивираа својата работа, која пак резултира со околу 50-тина изготвени протоколи.

Наша визија е Клиниката за психијатрија да прерасне во референтен центар за ментално здравје, национален и регионален лидер во давање на здравствени услуги на пациенти со психички заболувања. Нашите натамошни заложби ќе бидат и во насока на континуирано унапредување на знаењата и вештините на персоналот кои ќе ги следат и применуваат светските трендови од областа на менталното здравје.

Водејќи се од постулатот дека „Здравјето не е сé, но без здравјето и сé е ништо“, нашата основна стратешка цел е обезбедување врвна квалитетна здравствена услуга во смисол на третман, нега и грижа за секој пациент со психички заболувања во Република Македонија.