Да, денес! Вработување на млади и социјална инклузија

Европска асоцијација за локална демократија – АЛДА и Коалиција на младински организации СЕГА во рамките на проектот „ДА, ДЕНЕС! Вработување на млади и социјална инклузија“, реализираа студиска посета за претставници на младински организации од Азербејџан кои денес ја посетија Агенцијата за вработување на Македонија, каде изворно се запознаа со мерките кои АВРМ ги презема со цел да се намали невработеноста, посебно меѓу младите луѓе.

Цела на студиската посета е да им обезбеди на младите од Азербејџан да ги видат добрите практики и примери како се намалува невработеноста во земјите во развој и како можат да ги применат во нивната земја. Исто така проектот има за цел да им обезбеди на младите луѓе во Азербејџан информации, менторство и обука во правењето на својот прв професионален чекор, потоа да се стекнат со потребните вештини и способности кои ќе им овозможат да влезат на пазарот на труд, да се промовира и да се стимулира социјалната инклузија, како и да ги поттикне младите од Азербејџан да се мобилизираат за да играат клучна улога во нивната заедница и да станат важен дел од општество.

“Овој проект само ја потврдтува нашата добра работа и активности кои ги преземаме да се намали невработеноста во Македонија, посебно меќу младите луѓе. Се надевам дека она што во видоа тука ќе им помогне во креирање на различни активности во Азербејџан со цел младите да најдат свое вработување и да се интегрираат поусшено во општеството“, вели Слободанка Алексовска – раководител на Центар за вработување Скопје.

За време на студиската посета, младите од Азербејџан ќе можат да ги разменат своите искуства со македонските млади а со тоа и да ја поттикнат интеркултурната размена. Локални млади активисти ќе бидат дел од активностите на работилниците со цел да се олесни комуникацијата и развијат идеи кои ќе обезбедуваат нови можности за луѓето кои живеат во нивните заедници.

“Овој проект кој го реализираме во соработка со АЛДА покажува дека Македонија има што да покаже во поглед на различни иновации и активности со кој се намалува невработеноста посебно меѓу младите. Социјалната инклузија помеѓу младите е посебно битна, и драго ми е што младите од Азербејџан има што да видат тука, а и ќе ги споделат своите искуства со младите од Македонија“, вели Зоран Илиески – извршен директор на Коалицијата СЕГА

Коалицијата на младински организации СЕГА е формирана во 2004 година со цел да придонесе кон процесот на креирање и имплементација на Националната стратегија за млади на Р.Македонија и да помогне во исполнување на потребите на младите. Коалицијата ја сочинуваат 23 членки.